Фундаментите на банкарскиот сектор на Македонија и натаму се здрави, објави агенцијата „Фич“ соопштувајќи дека го потврдува кредитниот рејтинг на нашата земја „ББ+“, со стабилен изглед.
Меѓу другото, агенцијата наведува дека секторот е прилично добро капитализиран и дека на крајот на вториот квартал на оваа година, стапката на основен капитал достигна 15,8 отсто. Истовремено нагласено е и дека нивото на нефункционалните кредити е умерено и дека нивната покриеност со резервации од банките е висока.
Како што соопштија од Народната банка, во контекст на позитивната оцена за банкарскиот сектор, „Фич“ се осврнува и на растот на депозитите и на кредитите. Притоа, одделно е посочено зголемувањето на учеството на денарските во вкупните депозити. Кај кредитната активност, за следната година, агенцијата очекува раст од 8,5 отсто.
Инаку, за потврдувањето на кредитниот рејтинг „ББ+“, со стабилен изглед, „Фич“ наведува и дека првенствено се должи на кохерентноста на макроекономската и финансиската политика, којашто ја поддржува стратегијата на фиксен курс на денарот во однос на еврото, како и на показателите за управување, за човечки капитал и за околина за водење бизнис, коишто се подобри во однос на просекот „ББ“.