„Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски (1840-1893) е првиот балет на врвниот мајстор на рускиот романтизам (подоцна ги напишал и „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“). Можеби најпознатиот балет на сите времиња е епохално дело и од музичка и од балетска гледна точка. Дејството на балетот е вонвременска љубовна приказна, совршен спој на магија, романса и трагедија. Главните ликови се принцот Зигфрид и маѓепсаната Одета, која деновите ги минува пливајќи како бел лебед во езеро од солзи, а ноќите како девојка. Магијата, фрлена од злобниот волшебник Ротбарт, може да биде разбиена ако Одета биде сакана од момче со чисто срце, кое ќе ѝ вети вечна љубов. На забавата по повод 21-от роденден на принцот, неговата мајка ја најавува скорешната венчавка на својот син. Во неверување дека ќе треба да склучи договорен брак, принцот бега од забавата и се осамува во блиската шума.
Таму, во мирното езеро, здогледува лебедица со круна на главата. Во приквечерината, со првиот самрак, лебедицата Одета се претвора во нестварно убава девојка и Зигфрид се вљубува на прв поглед. Но, како во секоја бајка, љубовта не е лесна и едноставна. Утредента, принцот го запознаваат со повеќе девојки од кои ќе треба да ја одбере својата сопруга. Лошата и лукава Одилија, ќерката на Ротбарт, која изгледа исто како Одета, успева да го залаже и придобие Зигфрид и тој се согласува на брак со неа. Кога ја сфаќа грешката, Зигфрид оди во шумата, ја наоѓа Одета и ѝ се колне на вечна љубов. Магијата бидува поништена – сите лебедици засекогаш се претвораат во девојки. Само Одилија се појавува како црн лебед. Избирајќи смрт со саканата, наместо брак со Одилија, принцот ја фаќа Одета за рака и заедно се дават во езерото.
Другарките на Одета ги одвлекуваат Одилија и Ротбарт во езерото и таму нивниот живот завршува. Девојките танцуваат нежен траурен танц во чест на вечната љубов меѓу Одета и Зигфрид. Балетот на Чајковски е основа и на психолошкиот трилер „Црниот лебед“. Извонредната Натали Портман за улогата на балерината Нина се закити со „оскар“ за најдобра главна женска улога. За разлика од балетот, низ кој провејува нежна и романтична атмосфера, филмот е тежок, мрачен и мачен за гледање, но еднакво восхитувачки.
Лада Шоптрајанова Петровска