Фото: Игор Бансколиев

Обвинителката Вилма Русковска истакна дека има несоборливи докази за вината на обвинетите, додека одбраната порача дека ќе остане доследна во намерата да ја докаже невиноста на обвинетите, на првото рочиште од судењето за „Рекет“ кое заврши предмалку. Претходно Бојан Јовановски и Катица Јанева се обратија пред судот. Следното рочиште е закажано за 6 декември кога ќе сведочат Орце и Ана Камчеви, додека понатамошни термини до крајот на годинава се 10, 25 и 27 декември. Процесот потоа ќе продолжи на 3 јануари в година, а предвидени се рочишта секојдневно од 20 јануари до 1 февруари. С.Ку.


Јовановски: Вештачењето на камерата од моите родители ќе покаже кој замина со торбата

Вештачењето на камерата од моите родители ќе покаже кој замина со торбата и каде, изјави Бојан Јовановски на судењето за „Рекет“.

Бојан Јовановски прво побара чаша вода, а кога судијката му рече дека може својот воведен говор да го даде седејќи или, доколку не му е добро, не мора да го даде, Бојан Јовановски – Боки 13 рече „живеев за денот кога ќе дојде моментот да можам да зборувам, зошто сум цел на јавен линч веќе пет месеци”.

Тој рече дека колку што седел во ресторан со ексшефицата на СЈО Катица Јанева, исто толку пати седел во ресторан и со надлежниот јавен обвинител, мислејќи на обвинителката Вилма Русковска.

Јовановски го нарече “Рекет” несреќно наречен случај, бидејќи преку предметот се играле валкани политички игри, на негови плеќи.

– Од кривично правен случај се претвори во случај на сензација. Мојот и животот на членивите на моето семејство беа загрозени, се уништи еден медиум. Станува збор за бедна конструкција на предмет оти синот на второобвинетата беше вработен во 1ТВ – рече Јовановски пред судот и ја повика на помош меѓународната заедница.


Јанева: Одам со крената глава и можам секого да погледнам во очи

Одам со крената глава, и можам секого да го погледнам во очи, ова беа зборовите на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева која пред судот неколку минути го читаше подготвениот говор.

Таа рече дека Вилма Русковска и’ инструирала обвинение и првенствено говореше за работата на СЈО.

– Горда сум на формирањето на СЈО, на тимот кој го предводев четири години, на сите обвинители, истражители… Ја имав честа да формирам тим на обвинители и истражители – рече Јанева.

„Секојпат сум била општествено одговорна“, кажа обвинителката и им порача на двете судијки и поротничките да судат без предрасуди и да не се плашат од „тресењето гаќи“ на Русковска.

Поранешната шефицата на СЈО рече дека со прифаќањето на работата во СЈО, се изложила себе си и семејството на голем ризик, но не жали за тоа.