Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе побара од членките на НАТО на самитот во Лондон да ја поддржат Атина, која се соочува со турските обиди за поткопување на грчкиот суверенитет. Последниот дипломатски спор меѓу двете земји се однесува за одбивањето на Турција да ги повлече бродовите од источните води на Средоземно Море.
Станува збор за два брода за дупчење и за експлоатација на нафта и два извидувачки брода, кои се вклучени во потрага по нафта и гас во внатрешноста и во близината на ексклузивната економска зона до Кипар.
Мицотакис на партискиот конгрес на Нова демократија рече дека НАТО не може да остане на страна кога една од нејзините членки се соочува со грубо кршење на меѓународното право. Неутралниот пристап на Алијансата е само на штета на Грција, која никогаш не поттикнувала тензии во регионот, изјавил лидерот на Нова демократија.
Анкара минатата недела склучи договор со Либија за демаркација на границата во регионот на Средоземно Море. Овој договор беше осуден од Кипар, Египет и од Грција и сметаат дека не е во согласност со меѓународното право.
– Бродовите ќе продолжат да ја извршуваат својата функција. Турција нема да им дозволи на другите да ги загрозуваат нејзините и интересите на кипарските Турци – изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата.
Содржината на меморандумот за разбирање меѓу владите на Грција и на Либија не е објавена, но наводно во текстот е содржана и демаркацијата меѓу двете земји на море, при што не биле почитувани интересите на Грција и на Кипар. Исто така, договорот целосно го игнорира фактот дека Либија и Турција не делат граница на море, објави „Грик репортер“.
Меѓу Турција и Грција има постојани провокации со влегување воени авиони во воздушниот простор на двете соседни земји. Последниот поголем инцидент се случил кон крајот на октомври годинава, кога два турски борбени авиони „Ф-16“ навлегоа во воздушниот простор на Атина, без претходна најава на планот на летање.
Турското воздухопловство има околу 60.000 луѓе и 635 авиони, главно од американско производство, додека грчката воздухопловна служба ја сочинуваат 33.000 луѓе и 400 авиони.