Претставувањето на сајбер-камионот на компанијата „Тесла“ беше полно со изненадувања, од кои најголемото веројатно претставуваше кршењето на два прозорци од блиндирано стакло со метална кугла. Тоа секако не беше резултатот што извршниот директор на компанијата Илон Маск го очекуваше. Милијардерот беше принуден да го продолжи претставувањето на револуционерното возило пред скршените прозорци, што наиде на потсмев во јавноста, пишуваат американските медиуми.
Маск истакна дека знае што тргнало наопаку и се обиде да ги разјасни случувањата преку Твитер. Непосредно пред тестот со металната кугла, дизајнерот задолжен за демонстрацијата ја удрил вратата на возилото со голем чекан за да ја покаже нејзината издржливост. Маск тврди дека ударот предизвикал „напукнување на основата на стаклото“ што резултирало со несреќното кршење при демонстрацијата.
Yup. Sledgehammer impact on door cracked base of glass, which is why steel ball didn’t bounce off. Should have done steel ball on window, *then* sledgehammer the door. Next time …
— Elon Musk (@elonmusk) November 25, 2019
И покрај неуспешното претставување, Маск објави на Твитер дека добил околу 200 илјади нарачки за сајбер-камионот, без рекламирање и платен маркетинг.
Еден ден по неуспешната демонстрација на неговиот футуристички сајбер-камион, кој беше најавуван како неуништлив, вредноста на богатството на извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, забележа пад од 768 милиони долари. Акциите на „Тесла“ забележаа пад од шест отсто откако милијардерот го претстави сајбер-камионот во седиштето на неговата компанија „Спејс екс“ во четвртокот. Возилото кое требаше да издржи удар од куршум од пиштол, претрпе штета откако еден од неговите дизајнери фрли метална кугла во прозорецот. Падот на акциите резултираше со загуба од 768 милиони долари за Маск, чие богатство моментно се проценува на 24,3 милијарди долари.
Цената на сајбер-камионот, чие производство треба да почне во 2021 година, ќе изнесува нешто помалку од 40 илјади долари. Сајберкамионот има капацитет од шест патници, три мотори и може да развие брзина до 209 километри на час.