Во културниот дом „Илинден“, во истоимената општина, денеска, со почеток во 12 часот, ќе се одржува завршната приредба од проектот „Карван на креативни работилници за креативно пишување“ на менторката Елена Пренџова што се реализира во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2019 година“.
Станува збор за заедничко поетско читање на кое учесниците од градовите каде што биле одржани работилници ќе ги читаат своите дела, а ќе бидат изложени и интертекстуалните колажни песни што во таа пригода биле и направени. Проектот е реализиран во Радовиш, Прилеп, селото Новаци – Битола, Тетово, Штип и Велес каде што учесниците добија можност да се запознаат со познати современи поети од местата каде што живеат и со нив да поразговараат за поезијата, литературата, креативниот процес на творештво и сл. Освен поетесата Елена Пренџова, во проектот беа вклучени и соработниците: Борче Панов, Игор Трпче, Биљана Т. Димко, Перо Сарџоски, Трајче Кацаров и Игор Крајчев.