Годинашното финале што треба да се одигра во Сантијаго, Чиле, на 23 ноември, е под знак прашалник поради уличните нереди во земјата
Јужноамериканскиот фудбал се соочува со истото прашање како и лани ова време, а тоа е каде ќе се игра финалето на Копа либертадорес. Минатата година, решавачкиот втор натпревар помеѓу аргентинските гиганти Ривер плата и Бока јуниорс мораше да биде преместен во Мадрид поради инцидентите во Буенос Аирес. Сега, годинашното финале во Сантијаго, Чиле, повторно е под знак прашалник поради социјалните превирања и уличните нереди во земјата.
Ривер и бразилскиот Фламенго треба да се сретнат во финалето на стадионот „Национал“ на 23 ноември, во првото финале што се игра во еден меч, откако лани беше променет форматот по угледот на европската Лига на шампионите (ЛШ). На дваесетина дена пред финалето, фудбалската конфедерација на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ) не може да гарантира дека тој меч ќе се одигра таму. Билетите за натпреварот, акредитациите за медиумите и хотелските резервации беа направени пред почетокот на уличните протести во Чиле, пред две недели. Владата на Чиле и КОНМЕБОЛ инсистираат финалето да се игра во Сантијаго.
Вториот реванш-натпревар од минатогодишното финале на Копа либертадорес требаше да се одигра на стадионот „Монументал“ на Ривер. Но натпреварот што беше закажан за 24 ноември никогаш не се одигра откако локалните навивачи на Ривер го каменуваа автобусот на Бока јуниорс, повредувајќи притоа тројца играчи. КОНМЕБОЛ го презакажа натпреварот во Шпанија, на стадионот „Сантијаго Бернабе“ на Реал, против волјата на двата клуба. Ривер победи со 3-1 (првиот беше 2-2) и ја освои четвртата шампионска титула.