На следната седница на Советот на Град Скопје, советниците ќе ја разгледуваат Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието.
Како што информираат од Град Скопје, се развива систем на организација на заеднички активности со МИО, а дел од реформите коишто се спроведуваат во образованието не опфаќаат само подобрување на академските знаења, туку и учење коешто помага учениците да се подготват да живеат во мултикултурно општество.
Раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, посочи дека токму активностите кои се во насока на промоција на меѓуетничка интеграција во образованието обезбедуваат можности за непосредна интеракција на учениците со различен културен идентитет.
– Посебен акцент се дава на организирањето на заеднички часови, заеднички секции, екскурзии и приредби. Град Скопје ќе поддржи консултативни и организациски средби со ментори/експерти за планирање на наставата, активности за МИО и слично. Исто така ќе поддржиме активности за обезбедување посебна поддршка на учениците коишто изучуваат различен јазик од мајчиниот преку организирани посети на курсеви за јазик, користење интерактивни техники – компјутерски курсеви, ликовни изложби, разни заеднички настани и меѓусебно дружење во текот на наставата и надвор од редовната настава – рече Адамова.
Овие активности придонесуваат и за интензивирање на неформалната комуникација меѓу учениците надвор од училиштето, што би била повисока цел на Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанската вклученост, појаснуваат градските власти.