Фото: Архива

Одамна не се случило во октомври да има толку високи температури во текот на денот, поради што луѓето несоодветно се облекуваат, па често се случува да настинат, а потоа да добијат и некоја инфекција, објаснуваат лекарите

Ладните утра и вечери, а високите температури во текот на денот и во октомври им погодуваат на разни инфекции, настинки и вируси, а таквото време, според метеоролозите, ќе продолжи и до крајот на неделата, кога ќе настапи благо намалување на температурите. Во меѓувреме, забележително е зголемено присуство на граѓаните во болниците, поликлиниките и амбулантите, поради што лекарите предупредуваат дека поради ваквите нагли промени на температурите најчесто страдаат хронично болните, децата и повозрасните. Освен тоа, како што додаваат, присутни се пациенти со алергиски реакции како резултат на зголемената загаденост на воздухот во овој период од годината.

Доктор Лилија Чолакова-Дервишова вели дека одамна не се случило во октомври да има толку високи температури во текот на денот. Но таа смета дека поради несоодветното облекување на луѓето, се случува да настинат, а потоа да добијат и некоја инфекција.

– Потребно е да се истакне дека релативно топлото време во овој период од годината може да биде предуслов за размножување и пренесување и на бактериските инфекции, кои кај некои лица може да доведат и до компликации. Затоа, при секоја промена или појава на симптом, потребна е консултација со избраниот лекар, а потребно е и соодветно облекување – објаснува докторката Чолакова-Дервишова.
Матичната докторка Тереза Маринова посочува дека изминатиот период, исто како и летоска, има зголемен број пациенти со стомачен вирус, проследен со висока телесна температура, со дијареја, повраќање и снеможеност.
– Во разговор со колегите заклучивме дека веќе почнале да се појавуваат и случаи на пациенти со грип. Очекуваме многу брзо тој бран повеќе да се зголеми – вели докторката Маринова.

Во извештајот што на својата веб-страница го објави Институт за јавно здравје се наведува дека 13 нови случаи на грип се регистрирани изминатата недела (од 7 октомври до 13 октомври), што е зголемување во однос на неделата пред неа, кога беа регистрирани четири случаи.
Во сезоната 2019/2020 вкупниот број заболени од грип изнесува 17, што е за 10,5 отсто помалку споредено со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 19 заболени лица.

Најголем број заболени, односно седум случаи се регистрирани во Центарот за јавно здравје во Тетово.
Инфекциите лесно се пренесуваат со кивање, кашлање и преку непосреден контакт со инфицираните површини. Вирусите и бактериите најчесто напаѓаат преку носот, носната празнина, устата, очите и ушите.


Вакцинацијата против грип почнува од петти ноември

Вакцинацијата против грип ќе почне идниот месец, на 5 ноември годинава. Од Министерството за здравство велат дека тоа е оптимално време, зашто во земјава пикот на вирусот се очекува кон крајот на јануари и почетокот на февруари.
Предвидено е годинава да се обезбедат 28.000 дози вакцини против сезонски грип. Со тие вакцини бесплатно ќе може да се вакцинираат пензионерите, хронично болните, трудниците и децата со намален имунитет. Дополнително, преку центрите за јавно здравје ќе бидат обезбедени 21.000 комерцијални вакцини за кои граѓаните ќе плаќаат. Најмногу дози вакцини ќе има во Центарот за јавно здравје во Скопје.
Минатата сезона во државава повеќе од 20 илјади граѓани беа заболени од грип, а 29 починаа од компликации од вирусот.

[email protected]