Пентагон денеска објави дека не е во состојба да му издаде документи на одборот на Претставничкиот дом во врска со истрагата за американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи ги „правните и практичните прашања“ како причина.
Во документот, кој го имаше на увид агенцијата „Ројтерс“, Пентагон наведува дека Претставничкиот дом нема резолуција со која се овластува истрага за претседателот и дека не може да ги достави документите за осум дена, колку што е судскиот рок.
-Одделот засега не може да го одобри барањето за издавање документи. Сепак, Одделот ја почитува надзорната улога на релевантните конгресни одбори и е подготвен да соработува со вашите одбори доколку има соодветна резолуција за ова прашање – му порачал Пентагон на Конгресот.
Демократите во Конгресот започнаа процес на отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го дека побарал помош од Украина за да го наруши угледот на моментно водечкиот кандидат на демократите за претседателската номинација за 2020 година.