Промоцијата на книгата „Викајте ме Естебан“ од босанската авторка Лејла Каламуиќ, во организација на „Блесок“, ќе се одржи вечерва во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофоните во Скопје. Kнигата ќе биде промовирана од Петар Андоновски и од Ѓоко Здравески, кој е и преведувач на оваа книга (збирка раскази).
Авторката во мај престојува во рамките на резиденцијалната програма на проектот „Читајќи го Балканот“ (во организација на издавачката куќа „Готен“) поддржан од Европската Унија и од литературната мрежа „Традуки“. Книгата е објавена од „Блесок“ со финансиска поддршка на „Традуки“. Првата промоција се одржа во Битола, втората во Охрид.
Лејла е родена во Сараево во 1980 година и сè уште живее таму. Дипломирала на Катедрата за филозофија и социологија. Авторка е на збирките раскази „Анатомија на насмевката“ и „Викајте ме Естебан“. Објавува проза, есеи и критика во списанијата и на веб-порталите во Босна и Херцеговина и во регионот.
– Парадоксално е дека за толку тешки теми, за самотиjата, за дивите рози, за прегратките во бескраjот на мракот, дупките во асфалтот, стравот од препуштање, како и за стравот од самиот страв, Леjла толку лесно пишува – стои во рецензијата на Мехмед Бегиќ.