Фото: Дарко Андоновски

Од Народната банка истакнуваат дека сме мала и отворена економија, изложена на шокови и одредени структурни карактеристики, кои наметнуваат потреба за одржување одредена маргина на каматните стапки во однос на Европската централна банка

Негативната каматна стапка, која неколку години ја практикува Европската централна банка (ЕЦБ), со дополнителното намалување ги зголеми стравувањата меѓу граѓаните за опасностите од нејзиното ширење. Неизбежно се наметнува дилемата дали таа ќе се шири низ Унијата, па и во земји надвор од неа.

– Каматната стапка на ЕЦБ за депозитите прекуноќ е негативна од средината на 2014 година. Во септември годинава, оваа каматна стапка, првпат по три години, дополнително беше намалена од -0,4 отсто на -0,5. Точно е дека овој контекст на негативни каматни стапки на ЕЦБ, но и воопшто нејзината ултраекспанзивна монетарна политика, во дел од земјите од еврозоната, се пренесува и врз каматите на деловните банки во ЕУ. Негативните каматни стапки не се карактеристични само за еврозоната. Во дел од скандинавските земји (Данска и Шведска на пример), каматните стапки на централните банки исто така се негативни, а дел од деловните банки воведуваат негативни приноси за своите клиенти на депозитите во евра – објаснуваат од Народната банка. Од НБРСМ додаваат дека во одредени земји дури се нудат и кредитни производи со негативни каматни стапки, па дури и дека негативните приноси се присутни и на финансиските пазари.

– Речиси една третина од обврзниците на глобалниот пазар на капитал се тргуваат со негативни приноси. Ваквата поставеност на монетарната политика во Европа е одраз на ниската инфлација, која отстапува од целното ниво. Уште повеќе, заради очекувањата ниската инфлација да се задржи на среден рок, во услови на послаби економски изгледи и нагласени надолни ризици – истакнуваат од Народната банка. Оттаму додаваат дека ваквата политика на ЕЦБ остава простор за релаксирање на домашната монетарна политика. Посочуваат дека веќе подолг временски период и кај нас е релаксирана монетарната политика, а како резултат на тоа во март оваа година референтната каматна стапка беше спуштена на 2,25 проценти, што е историско најниско ниво. Сепак, напоменуваат дека ние сме мала и отворена економија, изложена на шокови и на одредени структурни карактеристики, кои наметнуваат потреба од одржување одредена маргина на каматните стапки во однос на ЕЦБ. Тоа би значело дека во Македонија во следниов период не може да очекуваме воведување негативни каматни стапки.

– Преку премијата за ризик овозможуваме поголема склоност за располагање со домашна валута, како и одржување на рамнотежата и здравите фундаменти во економијата, а со тоа придонесуваме и за поповолни перцепции на инвеститорите и финансиски приливи – велат од НБРСМ.

Поранешниот гувернер и професор Љубе Трпевски изрази сомневање околу негативните камати за депозитите што се присутни на европскиот пазар, истакнувајќи дека истите тие можат да предизвикаат и нова финансиска криза.
– Целта на ЕЦБ со воведувањето на негативните камати е да спречи ширење на кризата во Европската Унија, но прашање е колку ќе успеат во намерата. Сметам дека има опасност со овие потези да предизвикаат нова криза, која може да ја опфати целата унија, а секако може да се одрази и врз земјите од Балканот и во Македонија – вели Трпевски.

Сепак, од Народната банка велат дека со оглед на тоа што во глобални рамки, веќе подолг период, каматните стапки се на ниско ниво, и претходно беа актуелни дебатите за можните негативни ефекти врз штедењето во европските земји.
– Загриженоста е дека ниските, па дури и негативни каматни стапки во одредени земји, може да ја намалат заинтересираноста на домаќинствата за штедење во банки или да поттикнат поголемо преземање на ризици во потрага по повисок принос, што може негативно да се одрази врз финансиската стабилност на глобално ниво. Динамиката на показателите за штедењето на населението во ЕУ покажува дека ризиците, барем засега, се ограничени. Финансиската актива на домаќинствата на ниво на ЕУ продолжува да расте и во периодот по глобалната економска криза, при што околу една третина од вкупните финансиски средства се однесуваат на депозити во банки и готови пари во оптек – објаснуваат од НБРСМ. Оттаму додаваат дека позначајни намалувања на депозити од банкарскиот сектор на ниво на ЕУ не се забележани. Сепак, посочуваат дека има исклучоци, кои се изолирани случаи во земјите што беа најмногу погодени од кризата и се соочија со внатрешни банкарски кризи.

– Податоците за депозитите на домаќинствата на ниво на еврозоната покажуваат нивен постојан раст во периодот по глобалната криза со просечна годишна стапка од околу 3 проценти. Овој раст во последните три-четири години зајакнува и во август 2019 година достигна 5,7 отсто – додаваат од Народната банка.
Професорот од „Американ колеџ“, Томе Неновски, пак, појаснува дека и доколку дојде до повлекување пари од банките во европските земји поради негативните камати, тие имаат каде да ги вложат средствата бидејќи имаат други финансиски инструменти на располагање.

– Можно е да се очекува дел од граѓаните во европските земји да повлечат дел од своите заштеди во банките. Но тие имаат можност нив да ги пласираат во разни други финансиски инструменти, кои се силно развиени и присутни на нивните финансиски пазари (како акции, обврзници, финансиски деривати) или, пак, да ги насочат во купување недвижности – објаснува Неновски.

Анализите спроведени на оваа тема, меѓу кои е и анализа на германската централна банка, покажуваат дека каматната стапка влијаела, но не претставувала решавачки фактор за одлуките на домаќинствата за штедење во посткризниот период. Другите фактори, како што се нивото и динамиката на расположливиот доход и богатството, демографската структура, како и склоноста на населението за преземање ризици и располагање со ликвидни средства во многу поголем дел го одредиле однесувањето на домаќинствата во однос на тоа колку и во која форма ќе штедат.

– Каква ќе биде реакцијата на штедењето на промените во каматните стапки во следниот период е тешко однапред да се оцени поради различните канали преку кои се остварува ова влијание. Ако цениме од досегашните остварувања последните мерки на ЕЦБ не би требало да предизвикаат поголеми ефекти врз депозитите во европските банки – додаваат од Народната банка.


Не се очекуваат шокови во депозитната база во европските банки

Претставниците на Народната банка истакнуваат дека според претходните искуства, ефектите од последните мерки на Европската централна банка (ЕЦБ) веројатно ќе останат ограничени, односно нема да предизвикаат поголеми шокови во депозитната база на европските банки.
– И во однос на македонската економија и нашиот банкарски сектор, не се очекува овие мерки да имаат позначајни негативни ефекти, особено ако се земе предвид ниската упатеност на нашиот банкарски систем на европскиот пазар, особено во однос на изворите на финансирање, и во однос на вложувањата во странски инструменти. Домашниот банкарски сектор е стабилен, ликвиден и соодветно капитализиран, се финансира на домашниот пазар, претежно преку прибирање депозити и е оценето дека е отпорен на шокови. Можноста домашните граѓани да штедат дел од сопствениот доход во европски банки е ограничена во контекст на капиталните ограничувања од Законот за девизно работење – објаснуваат од НБРСМ.
Оттаму додаваат дека претходните искуства со преносот на ефектите од стимулативните монетарни мерки на ЕЦБ врз земјите од регионот не укажуваат на позначајни ризици од променливи движења на капиталните текови. Всушност, ниските каматни стапки овозможуваат и полесен пристап до меѓународниот пазар на капитал, со што постои можност и за дополнителни финансиски приливи.

Продолжува