Москва – Спикерот на Долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин изјави дека Инга Јумашева, пратеничката што беше уапсена на њујоршкиот аеродром од ФБИ, денес ќе се врати во Русија. Јумашева беше приведена поради сослушување, а руската амбасада во САД поради тоа испрати протестна нота до Стејт департментот. Според амбасадата, на руската пратеничка ѝ биле поставени сосема нејасни, неразбирливи и неприфатливи прашања.
Вашингтон – Американските власти презедоа безбедносни мерки за да го заштитат припадникот на разузнавачката служба, односно свиркачот чија изјава го отвори процесот за импичмент на претседателот Доналд Трамп. Адвокатите на свиркачот изразија загриженост дека безбедноста на нивниот клиент можеби е загрозена, бидејќи Трамп сугерираше дека тој е шпион, кој сторил предавство. Покрај тоа, одредени лица понудиле дури и награда од 50.000 долари за каква било информација за идентитетот на свиркачот.
Берлин – Најмалку 17 лица се ранети откако непознат маж со украден камион удри во повеќе автомобили во центарот на германскиот град Лимбург. Меѓу ранетите е и возачот на камионот, кој е уапсен од полицијата. Германските медиуми пренесуваат дека напаѓачот има 32 години и оти по потекло е од Сирија, а од 2015 година живее во Германија. Според германските власти, инцидентот се истражува како терористички чин.
Осло – Норвешката влада донесе одлука да не се приклучи во противракетниот штит на НАТО. Дебатата за можното учество на Норвешка во американскиот противракетен штит долго ги поттикнуваше стравувањата од можно зголемување на тензиите со Русија. Официјално Осло првично се спротивстави на идејата НАТО да стане дел од американските планови за противракетна одбрана, но се премисли и го поддржуваше предлогот уште од 2010 година.