Регионот би можел да биде симбол за визијата и силата потребни на нашите заеднички проекти
Фајненшл тајмс
Автор: Алексис Ципрас
Во следните неколку дена Европскиот совет ќе одлучи дали да ја покани Северна Македонија да почне преговори за приклучување на ЕУ. Таа одлука ќе покаже дали блокот може да биде храбар како младата, динамична балканска држава која тропа на неговата врата, пишува поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во авторската колумна објавена од „Фајненшл тајмс“.
Изборот ќе биде помеѓу тоа дали Северна Македонија и Западен Балкан да се засидрат цврсто кон ЕУ, или да се ризикува нивно втурнување во нова криза, давајќи сигнал дека болните реформи нема да бидат наградени.
Одлуката на ЕУ, веќе еднаш одложена, ќе биде пресудна не само за државата и за регионалната стабилност, туку и за она што го кажува за самата Европа, за нејзината доверливост и за принципите за кои се залага.
ЕУ има можност да докаже дека е сила за мир и за економски развој. Одлуката за почнување на пристапните преговори би била силен одговор за силите кои се обидуваат повторно да ја потонат Европа, како и Балканот, во национализам, унилатерализам и поделба.
Најпосле, Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни мината година од страна на министрите за надворешни работи на Грција и на Северна Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров, направи повеќе за отворање на можностите за членство во ЕУ за втората држава. Тој ја потенцираше важноста на самиот европски проект, во еден од неговите најтешки мигови.
Кога премиерот Зоран Заев од Северна Македонија и јас ја преминавме границата помеѓу нашите држави на Преспанското Езеро, тој ден, најпонизната мисла што ја споделивме беше за многуте загубени животи на бреговите на езерото. Многумина забораваат дека спорот што предизвикуваше поделба во изминатите 27 години, има корени во крвавите балкански војни што беа војувани заради поделба на географската област на Македонија. Тие се префрлија и на двете светски војни, грчката граѓанска војна и Студената војна.
Постигнувањето на Договорот бараше силна политичка волја, макотрпни дипломатски напори и ниво на взаемна почит и искрен дијалог, кои моравме да ги негуваме и штитиме низ повеќе тешки свиоци. Можноста за приклучување кон ЕУ беше интегрален дел од преговорите и значителна сила во собирањето поддршка за Договорот.
Нашиот успех ја потенцира важноста на билатералната и мултилатералната дипломатија. Специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц, играше значителна улога која го покажува капацитетот на таа институција во решавањето на спорови. Договорот не дојде како резултат на пораз во војна, изнуда, интервенција од трета страна или на унилатерални чекори.
Но имаше периоди во историјата кога ваквите сценарија не беа далечни. Затоа, не можеме да бидеме самозадоволни во поглед на регионалните предизвици со кои се соочува Европа. Помеѓу 2014 и 2017 година, сите ги видовме последиците од одлуката за замрзнување на понатамошното проширување на ЕУ.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер оправдано предупреди „ако не успееме да ги направиме државите од Западен Балкан нови членки, повторно ќе ги искусиме истите проблеми кои ги видовме во 90-те години“. Нивната интеграција „е инвестиција во безбедноста на ЕУ, економскиот развој и влијание“ кажа тој.
За среќа, препознавањето на ваквата реалност ја доведе ЕУ да ја потврди поддршката за „солунската агенда“ договорена во 2003 година – за постепена интеграција на Западен Балкан во Унијата, на самитот во Софија во мај 2018 година.
Згора, отпочнувањето на пристапните преговори ќе биде сигнал за поддршка за народите на две држави кои решија меѓународен спор, надминувајќи големи пречки. До средината на 2017 година Северна Македонија преживеа длабока, а во одредени наврати и насилна, политичка криза со меѓуетничка димензија. Грција ја издржа најстрашната европска економска криза и ги имплементираше мерките на штедливост поддржани од ЕУ и ММФ со сериозни економски и општествени последици.
Во 2015-2016 двете држави се соочија со најголемата европска бегалска криза уште од Втората светска војна. Грција излезе од економската криза, поставувајќи се како столб на мир и стабилност во турбулентниот регион. Северна Македонија исполни обврски за правата на малцинствата, придонесе за добри соседски врски и за регионална стабилност и спроведе реформи поврзани со нејзиното судство, јавната администрација и борбата против организираниот криминал, според извештајот од Европската комисија за 2019 година.
Во ова време од пресудно значење, позитивната одлука од ЕУ би била јасен сигнал за народите на Европа на Балканот и пошироко, дека спроведувањето на храбри реформи, отфрлањето на национализмот и правењето на компромиси за надминување на разликите врз основа на взаемна почит, се исплатливи.
Периодот во европската историја кога Балканот беше катализатор за поделби и за војни е завршен. Време е нашиот регион да стане катализатор за мир. Тој би можел да биде симбол за европската визија и сила кои му се потребни на нашиот заеднички проект денес, повеќе отколку кога било.