Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за национална одбрана на Грција, денеска, во Атина потпишаа технички аранжман за надзор на воздушниот простор.
Аранжманот, кој го потпишаа началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, и началникот на одбраната, генералот Христос Кристодулу, претставува официјализирање на мисијата „Ер-полисинг“, а ќе се реализира во координација со НАТО.
Потпишаниот аранжман произлегува од новиот договор за соработка во одбраната, потпишан од страна на министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, за време на посетата во април годинава на високата владина делегација на Грција на нашата држава, соопштија од Министерството за одбрана.
Инаку, во мај со два прелета во воздушниот простор на Македонија од страна на леталата „Ф-16“ на грчката армија се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО-мисијата „Ер-полисинг“, со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
Мисијата „Ер-полисинг“ е ексклузивна придобивка, која важи само за земјите-членки на алијансата и вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, вклучувајќи и борбени авиони. Целта е заштита на интегритетот на воздушниот простор на НАТО-земјите членки.
И последната земја членка на НАТО, Црна Гора, во текот на пристапувањето во НАТО потпиша технички договор за „Ер-полисинг“ со Грција и со Италија.