Канадскиот премиер Џастин Трудо е идеален за Инстраграм каде што има повеќе од три милиони обожаватели. Тој претпочита да носи модерни чорапи, вежба јога и да слика селфиња опкружен со младите симпатизери, пишува „Њујорк тајмс“.
Трудо во 2015 година се претстави како некој што нема да се занимава со политиката на конвенционален начин. Тој ги привлече помладите генерации, меѓу другото, и со ветувањето дека ќе ја легализира употребата на марихуана во рекреативни цели, што го стори.
Но, на 47-годишна возраст тој веќе не е најмладиот кандидат во изборната трка. Неговите ривали Ендрју Шир и Јагмит Синг имаат по 40 години, додека премиерот ја загуби младешката привлечност со стареењето. А низата контроверзи во кои беше вмешан Трудо исто така предизвикаа штета.
Како што се ближат изборите на 21 октомври, се чини дека младите гласачи го напуштаат Трудо. Според последната анкета, либералите на актуелниот канадски премиер имаат поддршка од 28 отсто од гласачите помлади од 35 години, што е намалување во однос на 37-те отсто во пресрет на изборите во 2015 година.
Но, Трудо води енергична кампања и се чини дека се обидува да ги придобие младите гласачи со предлозите за олеснувањето на купувањето на недвижности и за намалувањето на сметките за мобилна телефонија. Тој промовира и воведување на национален данок на емисиите на јаглерод диоксид, како и програма за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Познавачите на состојбите, сепак, не го отпишуваат премиерот поради силната економија и неговата поддршка за имиграцијата.