Поздравувањето со бакнување за време на официјалните средби – сексистички анахронизам или традиција која го положи тестот на времето? Многумина сметаат дека ваквото поздравување на официјални бизнис-средби може да води до незгодни ситуации, пишува „Гардијан“.
Значителен број на новинарки ширум светот објавија случки во кои наведуваат дека бизнисмените и политичарите секојпат се ракуваат со новинарите од машкиот пол, но кога станува збор за жена, тие се поздравуваат со нив со прегратка и бакнеж.
Ова е неудобно за многу новинарки, бидејќи тие често ги среќаваат овие мажи првпат во животот. Новинарката Лиса Мартин објаснува дека се случувало за време на поздравот да ја помирисаат нејзината коса, што прави да се чувствува неудобно, а доколку таа одлучи да се поздрави со ракување, се случува да дојде до несмасна ситуација на судирање со главите.
Различни луѓе имаат различен став и гледиште за бакнувањето во образ. За Италијанците, бакнежот во двата образа воопшто не е чуден како поздрав.
На пример, во Франција бројот на бакнежи варира од област до област, а во некои делови од земјата може да достигне до пет, што знае да доведе до непријатни ситуации.
За да се избегнат непријатните ситуации со бакнувањето како поздрав за време на официјални средби, можеби е време да се стави крај на оваа практика која досега го издржа тестот на времето.