Познатиот режисер Срѓан Драгојевиќ заврши со деветдневното снимање во Скопје на филмот „Од рајот“, а снимањето продолжува во Белград и во Германија. Станува збор за голема регионална копродукција, чиј продуцент од Србија е „Делирум филм“, а од Македонија „Сектор филм“. На вчерашната прес-конференција, на која, освен режисерот, кој е и сценарист на филмот, присуствуваа актерите, носители на главните улоги Горан Навојец и Ксенија Маринковиќ, сценографката Јелена Сопиќ и продуцентите Билјана Првановиќ и Владимир Анастасов, Драгојевиќ го истакна задоволството од успешно завршеното снимање и изрази надеж дека филмот би требало да биде комплетно готов на средината на идната година. На „Сектор филм“ ова му е втора соработка со Драгојевиќ, по работата на неговиот познат и наградуван филм „Парада“. Од земјите од поранешна Југославија, во „Од рајот“ засега не е вклучена само Босна и Херцеговина.
– Филмот се подготвува речиси три години. По покана од Драгојевиќ и од Првановиќ почнавме да работиме и добивме огромна поддршка од македонската агенција за филм, а и од копродуцентите што подоцна се вклучија од Хрватска, Словенија, Црна Гора и од Германија. Филмот е поддржан и од европскиот фонд „Еуроимаж“, а првиот ден на снимањето му беше во Македонија, каде што се снимени неговиот почеток и крај – посочи меѓу другото, продуцентот Анастасов, според кого Македонија во вкупниот буџет на филмот учествува со 12 проценти.
Продуцентката Билјана Првановиќ напомена дека станува збор за нивна втора соработка со „Сектор филм“, по филмот „Парада“, но и дека „Од рајот“ е базиран на регионалната копродукција и соработка.
– Во суштина, ние не ни можеме да работиме регионално филмови ако не соработуваме. Ниедна од нашите земји не ни дава доволно средства сами да произведеме филм и регионалната соработка е апсолутно неопходна – рече таа, очекувајќи и понатамошните снимања да бидат во ред.
Срѓан Драгојевиќ со насмевка го започна обраќањето изјавувајќи дека многу сака да доаѓа во Скопје и дека дури и размислува да се пресели во Дебар Маало, укажувајќи дека деветте дена снимање му влеваат надеж дека филмот ќе биде добар. Тој е задоволен со актерската екипа и од сценографијата, а ги отфрли квалификациите дека овој негов нов филм ќе биде политичка сатира.
– Не е политичка сатира, политиката е многу едноставна работа за да се занимаваме со неа, овој филм е малку покомплициран. Мојата сестра, која е монахиња, филмот го нарекува христијанска комедија. Тој се занимава со божји чуда во време на транзиција. Станува збор за три божји чуда во средновековна смисла кога чудата се случувале, а кои се случуваат и во денешницата, која е како времето на раното христијанство. По педесет години комунизам, атеизам, се вративме на христијанството, но сѐ уште учиме да бидеме христијани. Некогаш учиме да бидеме и со помош на грешки, некогаш на смешен начин. Трите приказни во филмот се создадени по мотивите на три приказни на Марсел Еме, кој е заборавен писател, а јас го сакам. Не станува збор во филмот ниту за Македонија ниту за Србија туку за некаква земја во транзиција. Јас намерно инсистирав на тоа приказната во филмот да биде универзална, иако првата во неа се случува во 1993-та, втората во 2011-та, а третата во 2026 година. Јунаците во трите се испреплетуваат низ 35 години. Се согласувам со сестра ми, но филмот, освен христијанска комедија, би го нарекол и христијанска алегорија. Сигурно ќе биде и духовит, трагичен, ќе има многу хумор, но базично е сериозен филм – рече меѓу другото режисерот.
Ксенија Маринковиќ во филмот ја толкува улогата на Нада, која заедно со својот маж, заставникот Стојан (Горан Навојец), дошла од Хрватска во населба на бегалци. На Стојан во еден момент ќе му се појави ореол на главата, таа ќе се загрижи што ќе речат соседите, и така и ќе започне приказната. Стојан, кој е добар човек, бидејќи станал светец, околината нема да го прифати и ќе го смета за лажливец, нема да му верува…
Во филмот играат познати актери од регионот, меѓу кои и двајца од Македонија. Режисерот Срѓан Драгојевиќ не откри кој ќе ја потпише музиката во филмот, само истакна дека таа во голема мера ќе биде класична, но и традиционална.