Преговарачките тимови на СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, попладнево во Собранието повторно седнаа на маса во нов обид за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за Законот за јавно обвинителство.
Министерката за правда Рената Дескоска, пред почетокот на средбата рече дека исходот на преговорите зависи од опозицијата.
– Повеќе сум реалист отколку оптимист, затоа што знаеме кого имаме од другата страна. Дали ќе имаме договор зависи од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Законот треба да биде суштински и во согласност со европските стандарди. Имаме неколку разидувања и тоа во однос на процедура при именување на обвинител, дилема дали воопшто ќе има ново обвинителство ако веќе го укинуваме СЈО и трето солидна правна рамка за водење на случаите. Неприфатливи се отстапки кои се надвор од европското право и вредности – рече Дескоска.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ја повика власта да не бега од одговорност, и Заев да го исполни предизборното ветување за предлогот за избор на шеф на обвинителство да биде од опозицијата.
– Да зависеше сè од опозицијата, законот досега ќе беше донесен. Имавме други сложени закони кои се носеа со 2/3 мнозинство, како за УБК и ОТА, постигнавме компромис, тука видовме дека има европски вредности. Доколку јас би бил министер по девет месеци преговори не би бил задоволен и успешен. Очигледно е дека законот е ДУИ и СДСМ. Едно од клучните ветувања на власта е опозицијата да биде дел од изборот на на главниот обвинител, да си ги преиспитаат ветувања. Отстапка може да направиме до таму каде што има суштинско делегирање на опозицијата. Немаме размислувано за име, кој би бил новиот шеф на новото обвинителство, важно е да најдеме решение првично за законот – рече Милошоски.
Денешната средба на работните групи е прва по лидерската средба на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.