Од денеска до 15 септември на стадионот на АРМ во Градскиот парк ќе се одржи „Скопје бир фест“, првпат во организација на „Пасворд продукција“ и на градот Скопје, со четиридневна програма, многу пиво и бесплатен влез за време на целиот фестивал. Вечерва е резервирана за настапот на врвниот уметник на македонската музичка сцена Кирил Џајковски и миленичката на публиката ТК Вондер и вокалистот Лајон Д, а посетители ќе уживаат и во настапот на едни од најголемите и најдобрите изведувачи во живо, групата „Дубиоза колектив“ од Босна и Херцеговина. Ќе го проследиме и настапот на еден од најголемите македонски автори Горан Трајкоски, аудиовизуелниот спектакл на диџеј-дуото „Дискобајаги“ и стонеррок-бендот „Палиндром“.
Утревечер ќе го разбиваме малерот со настапот на д-р Неле Карајлиќ, легендата на „Топ листа надреалиста“ и „Забрањено пушење“, а првпат пред скопската публика и хипхоп-дуото од Црна Гора „Ху Си“. Љубителите на пиво и музика ќе имаат можност да ја видат и ултрапопуларна и провокативна трап-банда „МВР СВР“, најпознатиот реге-бенд кај нас „Конгеринг лајон“ и нивните сограѓани „Кепурдат“, чија музика знае да приреди уникатни доживувања.
Третата фестивалска вечер ќе ја отвори виртуозот на трубата, маестрото Џамбо Агушев со неговиот оркестар, а присутните нема да останат рамнодушни ниту на хитовите на мегапопуларниот српски бенд „САРС“. Пионерите на македонската рап-култура „Чиста околина“ по многу години ќе настапат во живо со цел бенд. На сцената ќе застанат и амбициозните и секогаш позитивните „ЗииБомб“ и предводниците на битолската рокпанк-сцена „Паркети“.
Последната фестивалска вечер ќе настапи најпровокативниот и култниот рокенрол-бенд „Лет 3“, џипсиска-бендот „Баилдса“, а фестивалот ќе го затвори српскиот рок-бенд „Ван Гог“ со старите хитови и промоција на новиот албум „Море без обале“.
„Скопје бир фест“ ѝ се приклучува на кампањата „Не пиј додека возиш“ за да ја издигне свеста на луѓето дека сo непочитување на прописите и со возењето под дејство на алкохол го загрозуваат сопствениот живот и ги доведуваат во опасност животите на другите учесници во сообраќајот.