Македонскиот амбасадор во Приштина Илија Страшевски денеска оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Косово Бејтуш Гаши, со кого разговарал за текот на работата на двете државни комисии за отворањето и функционализирањето на граничниот премин Станчиќ-Белановце.
Според соопштението на косовското МВР по средбата, двете страни најавиле пораст на динамиката за функционализација на преминот, со цел да се обезбеди слободен проток на луѓе и стоки.
На средбата е разговарано за прашања од заеднички интерес за двете земји, посебно на планот на безбедноста.
– Министерот Гаши нагласи дека соработката со Република Македонија е стратешка, имајќи ги како основа координациите како две соседни земји, кога е во прашање борбата против организираниот криминал, за што се користат и граничните премини, се вели во соопштението.