Бојата може да биде прекрасна алатка за претворање на вашиот дом во помалку стресна и помирна околина за живеење. Сепак, домот е нашата оаза на мирот, место каде што можеме да се опуштиме и да се одмориме. Енергијата во нашиот дом влијае врз нашата енергија, па затоа мора да се ослободиме од сета негативност и да креираме место во кое ќе можеме да се релаксираме.

Многу истражувања ја потврдиле теоријата дека боите влијаат на нашето расположение. Експертите препорачуваат неколку нијанси на бои што треба да ги внесеме во нашиот дом за да се чувствуваме убаво и релаксирано. Според нивните истражувања, бои што позитивно влијаат на расположението и енергијата во домот се сината, зелената, розовата и белата.

Сина
Сината боја е нежна, пријатна и помага за смирување на умот, ублажување на анксиозноста, намалување на притисокот, па дури и за забавување на срцебиењето. За да постигнете ваков смирувачки ефект, одберете мека и светла нијанса на сина боја за во спалната или дневната соба. Доколку не сте дома, а се чувствувате вознемирено, гледајте во небото и ќе се опуштите. Можеби ќе добиете некоја инспирација од природата за уредување на домот!

Зелена
Според истражувањата, луѓето што се наоѓаат во зелена просторија се посмирени од оние што се наоѓаат во црвена. Добро е познато дека црвената боја предизвикува стрес, додека зелената релаксира. Експертите велат дека зелената боја со светложолти или крем-нијанси релаксира најмногу од сите бои. Инспирација за прекрасни зелени нијанси исто така можете да пронајдете во природата, кои ќе ги вметнете во вашиот дом за да се ослободите од стресот и негативната енергија.

Розова

Со оваа боја треба да бидете внимателни. Живописните и силни нијанси на розовата може да го зголемат стресот, исто како и црвената боја. Додека, пак, пастелните нијанси, кои одат накај бела боја, имаат смирувачки ефект. Со овие нијанси, вашиот дом ќе изгледа нежно и женствено, па доколку ова е ваш стил, опкружете се со розови нијанси и уживајте!

Бела

Нема никакво изненадување што белата боја се наоѓа на листата на смирувачки бои. Како и горенаведените бои, белата го намалува стресот, па затоа ви е неопходна во вашиот ентериер. Одберете чиста бела боја без да ја комбинирате со темни нијанси и темен мебел. Можете да ја внесете и во бањата за целосна релаксација додека уживате во топла, мирислива бања. Ваквото освежување ќе ви годи во секоја смисла.