Педесет и петгодишен Германец кој германската полиција го бара за набавка на 700 килограми кокаин деновиве бил приведен во земјава.
Како што јави МВР, германскиот државјанин се барал со меѓународна потерница на Интерпол заради организирање и набавка на 700 килограми кокаин од Јужна Америка до Хамбург.
Од спроведената истрага, информираат од полицијата, утврдено е дека пред да биде лишен од слобода, германскиот државјанин, неколку месеци престојувал на територија на Македонија, поточно во викенд населбата на Попова Шапка, со лажен идентитет.
– На 21 август од страна Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и соодветен број на припадници од ОСПО и полициски службеници од СР Германија, а по претходно изготвен план за реализација и издадена наредба од судија на претходна постапка, извршен е претрес во викенд куќата и лишен од слобода е германскиот државјанин Р.В.Л.. При претресот пронајдени и одзмени се и помала количина кокаин и марихуана, како и пет телефони, две платежни картички, пари, лап-топ, германска патна исправа на друго име, фалсификувана полска возачка дозвола и други предмети. По лишувањето од слобода германскиот државјанин е предаден на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР на Македонија заради понатамошна постапка во однос на распишаната меѓународна потерница од Интерпол. На 22 август ОСОСК до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Р.В.Л. поради основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Лицето е изнесено пред судија на претходна постапка, кој одреди мерка екстрадиционен притвор во траење од 30 дена – велат од МВР.