Големиот инквизитор: глобализмот (2) (или новиот планетарен систем на робовладетелство)

Впрочем, и демократијата со нејзините етатистички стеги и одбрана на капиталот и капиталистите, за што зборуваше и Маркс, таа со која толку многу се фали Западот, е конструирана на начин на кој само се манипулираат масите. Таа е „опиум за народот“ (Марксов термин), како што е тоа на многу сличен начин и религијата. Уште, поимот „демократија“ во некои случаи е и многу опасен штом ќе се изговори на Запад, пред сè во Америка. Но и во нејзините европски сателити: Англија, Франција, Германија. Тогаш е многу веројатно дека негде се врши притисок за нафта и други материјални ресурси, кои ако некој не ги дава милом, се освојуваат со сила. Со западните демократски бомбардери преполни со смрт. Примерите со Блискиот Исток (Ирак, Либија, Сирија…), потоа со Авганистан, па и со некои балкански региони (Србија, Босна, а и Македонија) се најсвежи како илустрација на тој план. И сето тоа се вклопува во генералниот западен план за светска империја, или глобална светска држава во која, како што го предвиде тоа пророчки и нашиот Коста Рацин, едни ќе бидат господари, а други робови, „на трудот црн народ“, кои, како што вели поетот, „за туѓи бели дворови“ ќе си копаат „црни гробови“. Да. Но за да се оствари тој и таквиот тип на новото планетарно робовладетелство, под капата на новата светска држава е скроен и нејзиниот орвеловски систем, кој е пототалитарен и од комунистичкиот на Ленин и Сталин во Советска Русија, кој се држеше врз темелите на Лениновата лозинка „на пролетерската власт сè ѝ е дозволено“, која ја експлоатираше бескрупулозно докрај неговиот наследник. Или, како што мислат некои, и комунизмот како проект за свои профитабилни цели е организиран и финансиски, па и кадровски поддржан пак од Западот. Според сликата на сè што се случува денес, можна е и таа хипотеза, која допрва чека фактографско аналитичко разјаснување. И ако е, да претпоставиме, и тоа експеримент на западните масони и илуминати, соблазнителна садистичка игра со пролетаријатот, денес тој би бил многу поопасен ако се обнови. Тоа го знае Западот и, имено, затоа е и основан главно НАТО, не да го чува светскиот мир, како што нè лажат, туку да ги чува западните банки, корпорации и разни Ротшилдови. Нема да нè брани ни нас Македонците, на кои, помагајќи им воено и логистички, во 2001-та ни ги сасна албанските терористи. Напротив, тоа е можно во една перспектива и да се повтори, а ние со влезот во оваа воена алијанса со глобален терористички мирис, нејзе на сета сиромаштија ќе мора секоја година да ѝ плаќаме плус и два милиони евра членарина, како и да купуваме скапо американско воено железо. Ете, токму и затоа е дебилна темата на оној есеј за средношколската младина што го беше распишала нашата надворешна, во овој случај невоспитана, министерка Шеќеринска под наслов „НАТО и јас“. А да беше поинтелигентна ќе распишеше конкурс, на пример, на тема „Љубовта и јас“ или „Убавината и јас“ и слично, теми што не се манипулативни и што им прилегаат на младешкиот ум и срце. Исправно реагираше невладината организација за заштита на децата „Меѓаши“ по повод тоа психолошко злосторство врз младите на нашата НАТО-екстатична министерка, до смрт вљубена во западната воена алијанса, која, меѓу другото, има за цел и будно да го држи на око, повторно да не се повампири и организира во интернационала светскиот пролетаријат, оти тогаш може да ги снема во хаосот западните банки, корпорации и нема да остане ни долар од богатството на Ротшилдови, Фордови, Клинтонови и другите слични на нив што цицале од крвта и потта на светската сиромаштија.
Така. Сега знам, бараш од мене, драг читателу, појасно и позбито да ја конкретизирам сликата на светската глобална држава како проект на Западот. Веќе реков, во неа ќе нема посебни колективни, национални, но исто така и индивидуални, на човековата единка, идентитети. Веќе, како што ти е познато, на големо се работи на тоа, нешто со концептот на „демократски“ притисок, нешто кај е неуспешен тој и со воена закана на западните „демократски“ евроамерикански бомбардери. Македонија, како што знаеш, драг читателу, е првата идентитетска жртва на тој по човекот погубен западен глобалистички проект, кој, од аспект на човековиот колективен и индивидуален идентитет како божествено создание, не е ништо друго туку една голема општа планетарна гробница во која се закопуваат сите битни човекови вредности. И таа глобална гробница ќе се вика светска држава, држава на демонот на капиталот како единствена вредност за корпоративниот и банкарски либералкапиталистички Запад. Во таа држава ќе биде воспоставено апсолутистичкото право, со кое ќе владеат екстрабогатите над сиромашните, што ќе зависат од нив како верниците од Бог во искривена перспектива. Во неа луѓето ќе бидат само бројки во питагорејската алгебра на господарите на капиталот. Ментално испрани и идентитетски обезличени, тие нема да знаат ни од кој род се, ни од каде доаѓаат, ни каде одат, основните прашања што му се дадени за размислување и осмислување на животот на човекот. Ваквата ситуација со избришана онтологија, се разбира, нема дури да биде ни апсурдна, затоа што, како што мислат и егзистенцијалистичките филозофи од Киркегард и Јасперс до Сартр и Ками, апсурдот осознаен од човекот е почетна точка на размисла за неговото постоење под капата небесна. Не. Во орвеловската светска држава, во која со идентитетскиот геноцид, веќе нè вклопија нас Македонците западните „мајстори на смртта“ и апсурдот како егзистенцијална, филозофска и психолошка категорија е избришан, оти таму сè е линеарно мртвило во кое ќе бидат задушени и нивелирани сите сетилни и емотивни сензации за сметка на глобалната рамнодушност слепо потчинета на биолошкиот закон на полнење на цревата, но не и на законот на умот и мислата. Тоа на Декарт „мислам, значи постојам“, лозинката на западната рационалистичка рефлексивна цивилизација, се исфрла од употреба. Забрането е да се мисли, оти лебот што ќе им го дава господарот на светската држава на милионите сиромашни ќе има апсолутен примат над мислата. Така е замислено тоа.
Но за да се оствари сето тоа и да тече мазно, не е важно само да се изведе егзекуција на колективниот идентитет, која, како што се покажа тоа со Македонија, и не е баш многу тешка, затоа што секогаш и во сите народи има доволен број колаборационалисти, одродници што ќе соработуваат за свој личен профит со секакви сатанистички проекти. Кај нас, пак, предавниците на идентитетската кауза ги има по квадратен метар можеби и најмногу во светот. Не се само Заев и Димитров со пратениците тука, туку ги има во голем број и надвор од власта и парламентот. Оти ако ги немаше, Македонците наопаку ќе го обрнеа Собранието кога се работи за спас од идентитетска поморија, најопасната што може да го снајде еден колектив. Немаме ние, за жал, ни жолти ни никакви други елеци, да го цитирам францускиот пример. Да. Се враќаме на тезата: не е доволна само колективната идентитетска ликвидација на народите што ќе ја составуваат светската глобална држава. Не. Нејзините сатанистички планери добро знаат дека со тоа работата не е завршена, бидејќи и поважна, во крајна инстанца како што вели и Берѓаев, е многу поважна на тој план единката, индивидуата од колективот. Таа, имено, треба, како Фауст, да му ја предаде душата на Мефистофел (глобалистичкиот Сатана) и да остане без неа за да ѝ биде така целосно пресечен патот кон вистинскиот Бог. Оти таа сега има друг, земен бог, богот на капиталот што треба да го создава и без душа и без ум за него таа. А како може да се создаде таква безлична, безидентитетска индивидуа? Сатанистичките планери на глобалниот свет и за тоа имаат добро обмислен план. Најпрвин тие го имаат тука предвид феноменот религија, кој по дефиниција има длабока онтолошка боја. Парадоксално, и кај атеистите, бидејќи како што тврдат и некои психолози, како Јунг и други, свеста за Бог кај човекот е генетски кодирана и само е прашање дали тој код како шифра за време на животот ќе го отвори или нема да го отвори тој што се родил. Но и кај тие (атеистите) што не го отвораат него тој е латентно присутен во свеста. Фројд би рекол во потсвеста. Сеедно. Она што го наумиле глобалните планери, модерните либералкапиталистички корпоративни језуити, тоа е да се уништи автентичната изворна шифра на Бог кај секој поединец, без разлика на кој религиски систем му припаѓа тој: христијанство, ислам, будизам, индуизам. За да го реализираат тоа, тие смислиле унифицирана глобална религија што ќе важи за сите жители на светската глобална држава. Без исклучок. Тоа е новата религија што ја форсира Западот веќе неколку децении со силен замав, небаре ураган, особено во Америка широкоприфатена од младите и елитата на Холивуд, но префрлена со силен ритам и во Западна Европа. Тоа е еден вид религиска чума. Нејзиното име е Њу ејџ (Нова епоха) и таа е еден вид турлитава од сите светски религии по малку, а сè со цел да се избришат посебностите, индивидуалните потраги по Бог кај сите народи и цврсто структурирани религиски системи. Се работи, значи, за една специјална религиска збрка во која има сè и сешто, магла од која не се гледаат ни Бог ни божественото. Тука доминираат помодарски источните религии, индуизмот и будизмот, но исто така и архаичните магиски искуства со доминација на религијата на шаманизмот. Сите тие, пак, се гарнирани со христијански елементи за да се забошоти трагата на Спасителот, кој не им одговара на глобалните смртоносни планери на човештвото, бидејќи тие не се негови синови, туку синови на неговиот антипод Сатаната, не се синови на светлината, како што ги нарекува во своите посланија апостол Павле Македонците, туку синови на темнината, не на доброто, туку на злото. Не на Убавината, за која Достоевски рече дека ќе го спаси човештвото, туку на безбожништвото како духовна и морална грдотија. Со Њу ејџ глобалистичките планери всушност ги уриваат сите автентични темели на црквата во сите религиски системи, особено во христијанството, кое исто така го користат за свои цели. Искористена е за свои глобалистички цели пред сè Католичката црква, чиј модел на папоцезаризам не е ништо друго туку модел на глобалната светска држава, црква што го зема обликот на секуларна држава и беспрекорно функционира како таква. Но тука, иако не во таков драстичен вид, не е исклучена ни Православната црква од Византија до денес. Сите денешни православни цркви, како што гледаме, не се ништо друго освен филијали на државата и државната политика, целосно одметнати од Бог и божественото. Рака на срце, и Македонската е таква со нејзините магливи и без христолик идентитет архијереи.
Да. тоа е тоа. Колективниот идентитет, идентитетот на родот излегува дека е полесен за бришење од идентитетот на единката и индивидуата. Тоа е затоа што таа, покрај тоа што е вкоренета во колективот, истовремено го надминува него како свест, дух и интелигенција, кои ги носат неговите карактеристики обликувани од понекогаш нејасниот поим колектив во јасниот поим личност. Личност-колектив. Оти личноста е архетип на колективот. Таа не е, како што нè учеше едно време позитивистот Џон Лок, табула раса бел лист хартија на кој нема ни еден знак, и оти тој допрва треба да се пополни со секакви идентитетски и социјални знаци во општеството во кое е фрлена таа. Фрлена во постоење, како што би рекле егзистенцијалистите, кои тука сепак покрај социјалната ја имаат предвид и метафизичката судбина на личноста што му бега на позитивизмот. Тука е исклучен Дарвин, чија теорија на еволуционизмот сепак интелигентно ја користат планетарните мајстори на глобализмот, но само во смисла на идејата дека човекот е анимално а не божествено, ангелско суштество. Така како што им одговара ним. Животно чии инстинкти што емитуваат енергија и живот треба да се скротат, по примерот како што тие некогаш биле скротени кај волкот, кој бил припитомен во послушно куче. Така, според овој пример, и корпоративните планери на глобалната светска држава сега сакаат од човекот, одземајќи му ја неговата автентична природа, да создадат послушен пес, кој само за една оглодана коска ќе им ги лиже нозете во знак на благодарност. Тоа е, драг читателу, замислата на сатанистичките глобалистички планери на светот. Да создадат од бунтовен автентичен волк послушно куче. Па зарем, претчувствувајќи го пророчки тоа, и не пееше со гласот на пролетерската интернационала Коста Рацин: „Пуст да е, пуст да би останал / животот наш кучешки“.

(продолжува)