Нови насилства се очекуваат денеска долж израелската граница со Појасот Газа, еден ден откако израелските војници пукаа врз палестинските демонстранти, убивајќи најмалку 58 луѓе, а најновите информации говорат за смртта на осумесечно бебе, кое починало од последиците од вдишување на солзавец.
Денеска се одбележува ’Нагба’ или ’катастрофа’, кога во 1948 година стотици илјади Палестинци беа протерани од своите домови. Секоја година 15 мај Палестинците го одбележуваат како ден на сеќавање на прогонот, а Евреите го слават како почеток на настанувањето на еврејската држава.
Израелските војници убија десетици Палестинци во протестите пред оваа годишнина, во кои демонстрантите бараа да се укине израелската блокада на Појасот Газа и да им се врати земјата која мораа да ја напуштат.
Вчерашните насилства се случија во време кога САД ја отвараа Амбасадата во Ерусалим, што ја преселија од Тел Авив.
Преселбата на Амбасадата предизвика меѓународна осуда и дополнително ги огорчи Палестинците кои сакаат Источен Ерусалим да биде главен град на нивната идна држава.
Протести денеска се очекуваат и на Западниот брег.