Познатиот водител и комичар Тревор Ноа осмисли шеговита теорија на заговор според која првата дама на САД, Меланија Трамп, всушност претставува цел на мигрантската политика на нејзиниот сопруг Доналд Трамп, пренесува „Бизнис инсајдер“.
– Веројатно се прашувате зошто тој би ја депортирал сопствената сопруга. Јас не знам, но работите меѓу нив не се баш совршени. Прво, не е тајна дека Меланија ретко го поминува времето во Белата куќа, а второ, кога тој се обиде јавно да ја фати за рака, таа ја оттурна – вели Ноа.
Тој се шегуваше и за овозможувањето на добивање на американско државјанство за родителите на Меланија, велејќи оти ваквиот случај го претставува „матното минато на Меланија со добивањето виза“, како и дека таа ја користи можноста за домување платено од даночните обврзници, за нејзините родители.
– Едно од нештата кои Доналд Трамп најмногу ги мрази во врска со мигрантската политика на Америка, е што семејствата на мигрантите можат да дојдат и да живеат со нив во САД. Во што се состои проблемот? Па, родителите на Меланија дојдоа во САД на овој начин – порача Ноа.
Најновата политика на Трамп има цел да го оневозможи доселувањето на луѓе со мали приходи, кои би можеле да бидат на товар на државата.
Ноа го осмисли хаштагот „Немојте да ја депортирате Меланија“ за ширење на неговата шега на Интернет.