На средина на туристичката сезона, Јадранското Море секој ден станува сè позагадено, а експертите веруваат дека поради ваквата состојба на капачите им се закануваат и многу зарази, пишува хрватски „Индекс“.
Најпроблематична е состојбата во, за многумина, најубавиот хрватски град, Дубровник.
Во втората половина на јули е забележано значајно излавање на отпадни води кај Дубровник, па инспекторатот за заштита на животната средина им наредил на градските власти да воведат забрана за пливање на плажа во Колочеп.
– Во морето има сè повеќе фекалии, но тоа може да се реши со носење на соодветни регулативи – вели за „Индекс“, Жарко Кобоевиќ од поморскиот оддел на Универзитетот во Дубровник.
Тој додава дека хрватската страна на Јадранот е сè позагадена пропорционално со зголемувањето на бројот на чамци и јахти.
Кобоевиќ како можно решение во овој поглед го наведува примерот на Калифорнија, која во однос на фекалиите го прогласи целото крајбрежје како „Но дисчарге“ зона, што значи дека е забрането испуштање фекалии од пловилата во морето.
– Калифорнија успеа да го реши ова прашање со тоа што предвидува дека фекалиите од бродовите мора да се пренесат во тоалети на марината. Значи, решенија сепак постојат – потенцира Кобоевиќ, кој проблемот го гледа во непрецизните регулативи кои се на сила во Хрватска.