Руските активисти на опозицијата во четвртокот рекоа дека ќе продолжат со плановите за одржување митинг во Москва во сабота, и покрај полициските рации во текот на ноќта и притворањето на водечкиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални.
Во средата, полицијата влегла во домовите на четири лица од опозицијата, објавија активистите за човекови права.
Дмитриј Гудков, чиј дом бил меѓу оние во кои полицијата извршила рација, заедно со својата сопруга на Твитер напиша дека 10 полицајци во средата вечер влегле во нивниот дом, им го исклучиле интернетот половина час и заплениле компјутерски дискови во врска со митинзите.
Пред сослушувањето во четвртокот наутро, Гудков објави на социјалните медиуми дека на властите ќе им порача дека „изборите завршија“.
– Оваа институција згасна со Путин. Последната илузија дека можеме да учествуваме законски во политиката исчезна – напиша тој.
Клучниот критичар на Кремљ, Навални, во средата беше осуден на 30 дена затвор поради тоа што ги повикал луѓето да протестираат во Москва оваа сабота во знак на осуда затоа што на опозициските лидери не им беше дозволено да се кандидираат на изборите за градскиот совет во септември.
Неодамна, кандидатите поддржани од Кремљ почнаа да ја губат својата популарност во Москва, па членовите на опозицијата сметаат дека можат да ја добијат поддршката на жителите на рускиот главен град.
Сепак, властите на многумина им забранија да се кандидираат под изговор дека тие не обезбедиле доволно потписи за поддршка. Но, и покрај апсењето на Навални и рациите во текот на ноќта, неговите сојузници посочија дека ќе го одржат протестот.
Илија Јашин, кому не му беше дозволено да се кандидира, на поддржувачите им порача да излезат на протест во сабота без разлика на се, додавајќи дека властите не им дозволуваат да се кандидираат бидејќи знаат дека не можат да ги победат.
На 20 јуни околу 20.000 поддржувачи излегоа на улиците на Москва барајќи на опозициските кандидати да им биде дозволено да се регистрираат за изборите.