На мундијалите, почнувајќи од СП 2021, ќе има повеќе играчи во составите на селекциите, задолжителни денови за одмор и намален број натпревари
Повеќе играчи, поголем број измени и задолжителен еден ден одмор, се дел од измените што ги донесе Советот на Светската ракометна федерација (ИХФ) за следното машко сениорско Светско првенство, што ќе се игра во Египет во 2021 година. Промените доаѓаат како одговор на кампањата, која по завршувањето на годинашното СП во Германија и во Данска ја почнаа ракометарите, во која, меѓу другото, бараа повеќе одмор помеѓу натпреварите на мундијалите и нивна вклученост во донесувањето на одлуките.
За таа цел ИХФ како прва точка од промените го зголеми бројот на играчи на клупата од 16 на 18, а зголемен ќе биде и бројот на играчи на поширокиот список, кој ќе го објавуваат селекторите во пресрет на првенствата. Досегашниот список со 28 играчи ќе се зголеми на 35, а селекторите наместо три измени за време на натпреварувањата ќе можат да направат пет. Промена ќе има и во рокот на пријавување на репрезентативните списоци. Досегашниот рок беше еден месец пред почеток на Мундијалот, а со новата промена тоа ќе биде два месеца пред почетокот на натпреварувањето.
По секој одигран натпревар на СП на репрезентацијата ќе ѝ следува задолжителен еден ден одмор, а ако тој ден се совпаѓа со патување во друг град и патувањето да е подолго од четири и пол часа, тогаш селекциите ќе добијат уште еден дополнителен ден одмор.
На СП 2021 во Египет ќе има промена и во формирањето на групите, па така наместо досегашните четири групи со по шест репрезентации ќе има осум групи со по четири селекции, со што ќе се добие намалување на бројот на мечеви во групната фаза за два. Наместо досегашните четири селекции, во главната рунда ќе продолжат трите најдобри селекции од секоја група. Ќе се формираат четири групи со по шест селекции, а потоа следуваат нокаут-средбите, од четврт-финалето. Според овој систем на натпреварување, бројот на натпревари на финалистите ќе се намали од 10 на девет.