Не треба да се грижите за мене, добро сум, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел откако трет пат во рок од еден месец, на јавен настан беше забележена како се тресе.
Канцеларката денеска доби тремор додека стоеше до финскиот премиер, Анти Рине. Таа почна да се тресе додека се интонираа националните химни на двете земји.
-Јас сум во ред. Луѓето не треба да се грижат за мене- изјави Меркел на прес-конференцијата по состанокот со финскиот премиер.
Германската канцеларка не беше добро ниту на 27 јуни кога стоеше веднаш до германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на церемонијата за назначување на нов министер за правда.
На Меркел тогаш и понудија чаша вода, но таа ја одби.
Речиси истата сцена се случи и десетина дена претходно, додека Меркел го пречекуваше украинскиот претседател Владимир Зеленски.