Регулирањето на крвниот притисок претставува основа за здрав живот. Неретко докторите предупредуваат дека високиот притисок е опасност за добивање срцев удар, мозочен излив, за оштетување на бубрезите, очите и на сите други органи во нашето тело. Со овие сознанија не е попусто мерењето на притисокот веднаш кога некој ќе стапне во лекарската ординација, независно од возраста. Зашто висок крвен притисок може да се сретне и кај децата и младите! Притисокот се менува зависно од возраста, но генерално, како нормален се смета оној во рамките на 140/90 мм живин столб.
Повеќето од луѓето што имаат покачен крвен притисок што медицински се означува како хипертензија, немаат никакви симптоми дури и кога тој достигнува опасни граници. Оние, пак, што имаат симптоми обично се жалат на болка во градите, умор, конфузна состојба на свеста, нерегуларен срцев ритам, тешкотии во дишењето, тапи главоболки, крвавење од носот или вртоглавици. Кај некои луѓе, притисокот може да достигне стадиум што го загрозува животот. Поради тоа, неговото редовно мерење треба да биде основен пристап кај сите, особено кај оние што немаат никакви симптоми.
Многу фактори го покачуваат притисокот како: дебелина, резистенција на инсулин, консумирање многу алкохол и големо количество сол, низок внес на калиум и калциум итн. Дополнително, високиот притисок може да биде наследен во 25-65 отсто од случаите (последната бројка се однесува за близнаци). Повеќе од 10 гени се инволвирани во појавата на хипертензијата.
За хипертензивна криза зборуваме кога крвниот притисок ќе се искачи на 180/110 или повисоко, и тоа претставува една ургентна состојба. Таа наложува медицински третман, а оди со симптоми на силна анксиозност, главоболка, скусување на здивот, крвавење од носот. Хипертензивната криза може многу често да доведе до срцев удар.
Како есенцијална хипертензија се означува онаа форма на висок крвен притисок за која не е сосема јасен патофизиолошкиот механизам за настанокот. Исклучени се бубрежни болести, феохромоцитом (тумор што лачи хормони, кои го покачуваат притисокот) или други можни причини. За жал, оваа форма опфаќа над 95 проценти од луѓето со хипертензија. Со други зборови, многу ретко причините за високиот крвен притисок се јасно дефинирани, а најмногу се означуваат како есенцијална хипертензија.
Во една од најновите студии објавени во јуни 2019 година, истражувачите од Бекеровиот институт за срце и дијабет нашле специфично сигнализирање во мозокот, кое може да биде причина за висок крвен притисок.
Иако крвниот притисок одамна бил забележан како ризик-фактор за срцева болест, процесот како настанува тоа не бил сосема разјаснет. Во оваа нова студија, научниците откриле дека крвниот притисок може да го зголеми одредено мозочно сигнализирање. Ваквата состојба предизвикува срцева болест преку нарушување на матичните клетки во коскената срцевина. Имено, покажано е, дека преактивен симпатичен нервен систем води до зголемен крвен притисок. Симпатикусот ја инструира коскената срцевина да произведува повеќе бели крвни елементи, кои потоа заглавуваат во крвните садови. Значи, наодите на истражувачите се дека формата на висок крвен притисок поврзана со стрес предизвикува промени во коскената срцевина доведувајќи до зголемен број бели крвни зрнца, кои потоа циркулираат низ крвните жили.
Сега, истражувачите ги испитуваат специфичните молекули што се инволвирани во овие процеси што може да биде полезно за објаснување зошто современите третмани за високиот притисок понекогаш се неефективни. Сугерирано е дека најголема помош за контролирање на ваквата форма на висок крвен притисок и неговите ефекти на коскената срцевина претставува всушност менаџирање на стресот, анксиозноста и болката.
Дополнително на тоа, луѓето треба да одржуваат здрава телесна тежина и секогаш да побараат лекарска помош ако треба да изгубат килограми. Во исхраната треба да се користат зеленчуци, овошја, цели зрна на житата и продукти со ниски сатурирани маснотии како и смалени количества шеќер. Мојот личен став за следење разни диети што можат да се прочитаат во разни медиуми е негативен, зашто и губењето на килограмите треба да биде здраво, без нанесување штети на функцијата на нашите органи. За одржување здрав крвен притисок, исто така, е неопходно да се намали внесот на сол и алкохол. Мажите треба да консумираат најмногу по два пијалака на ден, додека жените не повеќе од еден пијалак на ден.
Според тоа, и крвниот притисок како и многу други заболувања, всушност, се под контрола на мозокот, кој несомнено е диригент на сите наши функции.