Кој сум јас да кажувам што е добро, а што лошо. Тоа е најсубјективната работа. Но имам своја лична визија за тоа што е добра фотографија, се разбира, тоа е нешто што го чувствувам, емоција, расположение… Кога атмосферата е добра, има добри шанси фотографијата да биде успешна. Повеќе се гледам себеси како создавач на расположенија отколку како раскажувач на приказни
Геерт де Таје од Белгија е креативен и мултинасочен фотограф што снима за фотографии за адвертајзинг-кампањи, како и портрети и пејзажи. Оваа разноликост е многу важна за работата на еден млад фотограф. Неговиот пристап кон фотографијата е паметен и специфичен: тој фотографира, но и го реаранжира она што го гледа, реизмислувајќи ја реалноста и манипулирајќи со она што го наоѓа во даден момент. Беспрекорно ги комбинира различните техники со силата на вербата, иронијата и емпатијата. Вистината не е секогаш очигледна и неговата работа никогаш не ја брка за да ја дофати.
– Како и многу други работи во животот, фотографијата е поврзана со атмосферата, емоцијата, посебните моменти. Она што ме фасцинира кога ги правам фотографиите е тоа како сум стигнал таму: патувањето, приказната зад тоа, изборот што сум го направил одбирајќи локација, светло, луѓето со кои работам во тимот. Сето тоа доаѓа заедно во еден миг, посебен миг – вели белгискиот фотограф, кој работел за компании како „Сачи енд Сачи“, „Еар“, „Лео Бурнет“, „Хавас“, „Ериксон“, „Флексус“… и за брендови како „Тојота“, „Фолксфаген“, „Харли Дејвидсон“, „Киа“, МТВ, „Керфур“…
Тој неделава доаѓа во Скопје на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива 2018“. Тој ќе одржи инспиративно предавање на 12 мај во киното „Фросина“ во МКЦ од 12 до 13 часот, а младите фотографи може да се пријават за терминот за разгледување портфолија со него меѓу 13.15-14.15 часот во НВО Центар.
Со нетрпение го очекуваме вашето предавање во Скопје, за што конкретно ќе зборувате пред публиката и која е вашата порака до младите учесници на фестивалот?
– Ќе имам задоволство да зборувам за мојата работа генерално, од адвертајзинг-фотографирање до креативниот процес и изведбата на моите уметнички дела. Ќе објаснам како доаѓам до изведба на една идеја, кои идеи излегуваат добро, и колку од нив не се реализираат онака како што сум ги замислил. Магијата на непредвидливото. Некои од моите уметнички серијали ќе бидат објаснети од почетокот до крајот. Она што мислам дека е важно и што го барам е да се изразам себеси преку овој медиум. Како да се изведе една нарачана работа и како да се направи компромис и сепак да се биде среќен со резултатот. Пред сѐ, сакам да ја споделам мојата страст за фотографијата, повеќе отколку да давам совети, што се надевам ќе инспирира многумина од вас.
Можете ли да ја објасните врската помеѓу фотографијата и дизајнот?
– Има директна врска, особено во мојата работа и начинот на кој ги создавам сликите. Тоа е истиот метод и концептуален процес на мислење. За да дојдам до една идеја мора да поминам низ повеќе можности и пречки. Иако дизајнот е попрактична индустрија, јас моите слики ги дизајнирам од прва рака. Да се изгради сликата од концепт до изведба. Да се најдат соодветната локација, стил, кастинг и тим со кој ќе работам. Потрагата по естетика е слична, тоа е она што го барам, што сакам да го кажам низ мојата работа.
Дали мислите дека фотографијата има клучна улога во брендирањето?
– Фотографијата отсекогаш имала важна улога во брендирањето, како и во адвертајзингот. Таа има клучно место во визуализација на производот преку тоа што ќе му се даде на производот одредено расположение, кое кореспондира со сликата на брендот. Адвертајзингот е динамична индустрија што постојано е во развој, пејзажот континуирано се менува. Денес медиумите се користат поинаку, но секогаш е потребна кохерентна слика за брендот.
Што мислите за актуелната светска дизајн-сцена?
– Светот на дизајнот и начинот на кој го доживуваме се развива многу брзо. Повеќе внимание се посветува на дизајнот и саемите за дизајн се во пораст. Целта е да се допре до поширока публика, па луѓето стануваат посензитивни за оваа област. Мислам дека дизајнот игра клучна улога во нашите животи, каде што иновацијата и дизајнот одат рака под рака. Помалите производители стануваат поценети. Виртуелниот свет се развива брзо и таму треба да ги насочиме нашите сетила, на потактилната страна на дизајнот. Потрагата и употребата на нови материјали е нешто што ме фасцинира. Според мене, секој е дизајнер. Тоа важи и за фотографијата исто така. Професионалците треба да истапат напред и да се издвојат со својата работа. Тоа е најголем предизвик, но истовремено и најмотивирачкиот подарок што некој може да го добие.
Колку е важно да се биде во допир со она што е тренд во моментот во областа на фотографијата?
– Како фотограф е важно да се види што има таму надвор. Да се открие нова фотографска работа е инспиративно, но мене не ме инспирира само фотографијата. Најважно од сѐ е да се пронајде сопствениот стил. Ќе почувствувате кога сте на вистинската патека.
Што е добра фотографија според вас?
– Прво, кој сум јас да кажувам што е добро, а што лошо. Тоа е најсубјективната работа. Но имам своја лична визија за тоа, се разбира. Добра фотографија е нешто што го чувствувам, емоција, расположение. Кога атмосферата е добра, има добри шанси фотографијата да биде успешна. Повеќе се гледам себеси како создавач на расположенија отколку како раскажувач на приказни.
Која е користа од развојот на креативните индустрии денес?
– Мислам дека силата на креативната индустрија е тоа што е индустрија во која е дозволено да се мисли поинаку. Дури е препорачливо да се биде иновативен.