Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај му заблагодари на бугарскиот премиер Бојко Борисов за, како што рече, принципиелниот став кон Косово.

„РТК 2“ пренесе дека Харадинај оценил оти одлуката домаќини на наредната средба да бидат Бугарија и Северна Македонија го прави уште поинтересен Берлинскиот процес на Западен Балкан.

-Силно ја поддржуваме визијата на премиерот Борисов за сеопфатна Европа која го надминува менталитетот од минатиот век што предизвика трагедии. Без сеопфатен став на сите земји од Западен Балкан како дел од европското семејство, ЕУ не може да биде целосна- напиша Харадинај на „Фејсбук“.

Борисов на прес-конференција во петокот, по состанокот со премиерите на земјите од Западен Балкан што беше одржан во рамки на Берлинскиот процес изјави дека Жозеп Борел како иден шеф на европската дипломатија треба да го застапува ставот на ЕУ, безразлика што Шпанија не го признава Косово. На тоа реагираше министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ кој рече дека ставот на ЕУ не е признавање на Косово.