Министерката за човекови права и бегалци на БиХ, Семиха Боровац, во Мостар изјави дека центарот за прифаќање на бегалци во северниот дел на градот е можна опција за сместување на семејствата на поранешни припадници на терористичката организација Исламска држава, кои се враќаат од Сирија и Ирак.
-Ако немаат друга опција за сместување, тие можат да бидат сместени во овој центар. Салаковац е можна опција, изјавила министерката Боровац од владејачката бошњачка Партија за демократска акција (СДА), а пренесе „Хина“.
Боровац ова го кажала како одговор на новинарско прашање дали Центарот за прием на бегалци во Мостар е можна локација за сместување на семејствата на поранешни терористи.
Таа притоа објаснила дека оценките за нивното враќање од Сирија и Ирак ги води Министерството за безбедност во соработка со партнерски институции од целиот свет.
Според медиумски извори, на подрачјето на Сирија во моментов има околу триста луѓе со потекло од Босна и Херцеговина, меѓу кои и двесте деца.