Во врска со одредени реакции поврзани со наводно нарушување на безбедноста на личните податоци при инсталирање на апликацијата МојДДВ, Управата за јавни приходи уверува дека апликацијата е безбедна за преземање и инсталирање.
– Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се адреса на е-пошта и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од каква било злоупотреба. Имено, апликацијата МојДДВ граѓаните ја преземаат од Гугл плеј стор, којшто е сервис на мултинационалната компанија „Гугл“ којашто има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот. При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци. Единствено се бара дозвола за користење на камерата –
велат од УЈП.При употреба на апликацијата, корисниците е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП.
Од Управата наведуваат дека во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа.
Апликацијата е поставена и на веб-страницата на Управата.