Дел од работниците кои беа прогласени за технолошки вишок од прилепската наменска компанија „Еурокомпозит“, по попладневната средба во владата со вицепремиерот Кочо Анѓушев, побараа средба и со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
Покрај подмирувањето на долговите кон нив, работниците побараа и подмирување на долговите кон вработените во компанијата.
Од овие барања нема да отстапат работниците од „Еурокомпозит“ кои два дена протестираат пред Владата со цел да се разреши нивниот долгорочен проблем со исплата на отпремнините и заостанатите плати и придонеси за работниците.
Од прилепски „Еурокомпозит“ за технолошки вишок се прогласени 154 работници кои очекуваат исплата на отпремнини по околу 100.000 денари, а на работа во фирмата се 60-ина работници. Сите заедно бараат и исплата на заостанатите плати и придонесите за шест и пол години.