Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје стана член на Светската здравствена организација и на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на признаени национални центри за грип, соопшти Министерството за здравство.
Станува збор за многу важно признание за македонското јавно здравство. Целта на мисијата беше да се оцени усогласеноста на работата на лабораторијата со стандардите на СЗО.
– Тоа значи дека пациентите и здравствените работници може да бидат сигурни во дијагностиката и резултатите што ги добиваат од Институтот за јавно здравје. Оваа лабораторија активно е вклучена во предвидувањето на соевите инфлуенца на грип што ќе циркулираат во Република Македонија и во Европа и во одредувањето на соевите што ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грипот – велат од МЗ.
Од таму истакнуваат дека ова признание има пошироко значење, односно тоа е потврда на капацитетите на државата од аспект на едуциран кадар, опрема и соодветни реагенси, како и ниво на безбедност во лабораторијата за брза, навремена и веродостојна дијагноза, не само на грипот туку и на други вирусни, високопатогени агенси, значајни за јавното здравје.
Во периодот од 27 до 29 мај, по барање на министерот за здравство, Венко Филипче, СЗО спроведе мисија за процена на Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика со цел да се проверат и верифицираат нејзините квалитети за да стане формален член на СЗО и глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на СЗО признаени национални центри за грип.
Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е формирана во 1960 година и функционира како референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси, вируси на хеморагични трески и други.
Токму оваа лабораторија, предводена од доц. д-р Голубинка Бошевска и доц. д-р Шабан Мемети, како директор на Институтот, стана Национален инфлуенца-центар.