Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОПОЗИЦИЈАТА И ВЛАСТА КОНЕЧНО ЗА НЕШТО СЕ СОГЛАСИЈА

Предлогот на ДУИ за таканаречен „ветинг“, односно контрола за користење наркотици за секој пратеник или функционер што врши јавна дејност, го поддржуваат од ВМРО-ДПМНЕ, но и пратеници од СДСМ. Сепак за дел од аналитичарите вака изнесениот предлог сериозно навлегува во приватноста на личноста и личи на втора лустрација

Актуелноста на случајот со снимката на прислушуваниот разговор на пратеникот Павле Богоевски, која ги зовре социјалните мрежи, во некоја смисла го сврте интересот на јавноста за контролата на здравствената и психофизичка состојба на носителите на високи државни функции и евентуалната нивна склоност кон пороци. Сомнежот произлезен од снимката дека пратеникот нелегално нарачувал психотропна супстанција, освен што го отвори прашањето за негов личен кредибилитет да ја извршува највисоката јавна функција во државата, беше повод за објавување различни иницијативи на политичките партии. Имено, од ЛДП најавуваат дека ќе иницираат донесување закон за легализација на марихуана за општа употреба, но тврдат дека тоа нема поврзаност со пратеникот. Како што рече пратеничката Јулијана Николова, ова законско решение ќе го иницирале за сите во општеството да имаат еднаков пристап.
Од друга страна, пратеникот на ДУИ Артан Груби најави дека ќе поднесат иницијатива за таканаречен „ветинг“, односно контрола за секој пратеник или функционер што врши јавна дејност, како што се судии и обвинители, за користење наркотици, но и учество во криминал и корупција.

– Ние оваа иницијатива ја почнуваме од нашите редови во ДУИ и сакаме да ја предложиме на Собранието, а очекуваме и поддршка од граѓанскиот сектор и медиумите. Секој што врши јавна функција треба да подлежи на овој тест и ние очекуваме поддршка од сите што се искрени – рече Груби.
Сепак, тој не сакаше да одговори дали Павле Богоевски треба да ја напушти функцијата пратеник, но повтори дека за ДУИ е неприфатлива терминологијата „метла“ затоа што не била достоинствена за луѓе.

Од ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат со ДУИ дека носителите на јавни функции треба да подлежат на тест за наркотици. Тоа го изјави портпаролот на најголемата опозициска партија, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање.
– Апсолутно дека се согласуваме. Практично ние тоа и го побаравме вчера. Се согласуваме, мора да се расчистат сите дилеми околу консумирањето такви наркотични средства, како што во јавноста излезе случајот со пратеникот Павле Богоевски, кој е носител на јавна функција, и е гласан од граѓаните, односно поддржувачите на СДСМ на тие избори – изјави Димче Арсовски.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вели дека тој лично не би имал проблем да биде подложен на т.н. процес на ветинг, односно да направи и тест за наркотици и да му биде испитувана каква било поврзаност со криминал и корупција, но во моментов не би настапувал со став во име на партијата, која ја претставува и во Собранието.
Иако темата се покажа како интересна и податлива за јавна и политичка обработка, сепак неформалната јавна дебата во голема мера е еднострана и со мошне популистички пристап. Спикерот на Собранието, Талат Џафери (иако и самиот е од ДУИ) е воздржан во однос на иницијативата на неговата матична партија и чека конкретна пратеничка иницијатива, додека осумтемина пратеници од независната пратеничка група предлагаат сите пратеници доброволно да направат наркотест.

– Според демократските принципи на функционирање, ветингот, вака како што се предлага, не е соодветна мерка. Јавните функции не можат да бидат предмет на ветинг, од причина што и ако некој што е на функција некогаш направил прекршок (па и кривично дело) и народски кажано, „платил“ за сторена грешка, тој му се оддолжил на општеството. Во принцип, не може некому двапати да му се суди за иста грешка. Секако, треба да постојат стандарди и принципи за носителите на јавни функции, до кои треба тие да се придржуваат, а секој сомнеж за нивно прекршување треба да се истражи и да се постапува според законите. Вака изнесениот предлог за ветинг на јавните функционери, сериозно навлегува во приватноста на личноста и личи на втора лустрација. Всушност, најмногу личина популистички предлог, во духот на мерки соодветни за тоталитарен систем – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.