САД очекуваат, но сѐ уште не слушнале каква било порака од иранските власти дека се подготвени да ја прифатат поканата на претседателот Доналд Трамп за директни разговори, изјави неименуван висок претставник во администрацијата на Трамп.
-Сметаме дека тие треба да ги намалат тензиите и да влезат во преговори, изјавил официјалниот претставник за помала група новинари, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Запрашан дали има некакви индикации од Иранците дека се подготвени да се вклучат во дијалог, американскиот претставник одговорил: „Сѐ уште не. Ние буквално дежураме покрај телефоните“.
Трамп го повика иранското раководство на разговори за нуклеарната програма на земјата и регионалните прашања во време кога тензиите меѓу двете земји се значително зголемени.
Сето ова ги разгоре стравувањата од нов вооружен конфликт на Блискиот Исток кога САД испратија носач и борбени авиони во регионот.
Американскиот претседател му соопштил на својот тим за национална безбедност и други соработници дека не сака тензиите со Техеран да се претворат во нова војна, но исто така јасно ставил до знаење дека ќе ги штити американските интереси во регионот, соопштија американски официјални лица.