Во Црна Гора неделава ќе престојува експертска мисија на Европската Унија за борба против недозволена трговија со цигари. Нејзина цел ќе биде да се проценат моменталната состојба и напредокот во превенцијата против шверцувањето цигари, од аспект на перспективите за пристапување на Црна Гора во ЕУ. Весникот „Дан“ пишува дека претставниците на Канцеларијата за борба против измами при Европската комисија (ОЛАФ) и на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ) изразуваат стравување дека слободните царински зони за трговија во ЦГ се користат за заобиколување на плаќањето данок и на контролата на производите, односно дека се под контрола на криминалните групи за шверц на цигари, пренесува „Спутник“.
Одредени пратеници во Европскиот парламент побараа од комесарот за проширување во ЕУ, Јоханес Хан, да се изјасни за наводите за шверцување цигари од Црна Гора, за што постои сомневање дека се прави од пристаништето во Бар.
– Шверцот на цигари, кој започна во деведесеттите години, продолжува и денес, само се сменија изведувачите на терен, како и дестинациите каде што завршуваат нелегалните пратки. Извештајот што ќе биде направен од ЕК, најверојатно, ќе биде негативен за ЦГ и ќе укаже на проблемот со илегалната трговија на цигари – вели Марко Вешовиќ за „Спутник“.