Играчите на Палермо го возвратија ударот на фудбалските власти, тврдејќи дека тие им го одземале достоинството, по исфрлањето на клубот во третиот ранг на италијанското фудбалско натпреварување, пренесува „Фудбал-Италија“.
Оваа одлука дојде како резултат на наводни финансиски нерегуларности, по кои Федералниот национален суд на федерацијата реши Палермо да биде преселен од Серија Б во Серија Ц. Екипата на македонските репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски оваа сезона го освои третото место во регуларниот дел од сезоната кое носи во баражот за Серија А, но со најновите случувања, Перуџа ќе добие шанса за влез во елитата.
Палермо вчера одржа прес-конференција, на која фудбалерите истакнаа дека имаат право да се борат во плејофот за Серија А.
– Како главни ѕвезди на ова шоу, не можеме да најдеме никакво оправдување за однесувањето на законодавното тело на Серија Б и оваа нивна одлука. Сакаме да ги прашаме на која основа тие одлучија да го одложат плејоф-натпреварот и како играчи на Палермо бараме да победиме на теренот, барем се од одговорот на жалбата која ја поднесовме до Федералниот суд – рекоа фудбалерите.
Италијанските медиуми сметаат дека главен виновник за оваа одлука е поранешниот контроверзен сопственик на клубот, Маурицио Ѕамперини, кој наводно „перел пари“ преку клубот. Според пишувањата на италијанските медиуми, тој го продал брендот „Палермо“ на фирма која сам ја формирал, за потоа да ги продаде правата за користење на името на клубот. Поради ова, пропаднале повеќе обиди за преземање на клубот од Сицилија.
Напаѓачот и капитен на Палермо, македонскиот репрезентативец Илија Несторовски на прес-конференцијата беше гневен на одлуката за исфрлање на неговиот клуб во Серија Б за финансиски нерегуларности во периодот од 2014 до 2017 година.
– Навистина ни е жал што ова се случува, работевме напорно за да стигнеме до можноста да играме во Серија А. Нашето трето место и можноста да играме бараж-натпревар се украдени од нас. Имавме тешка година, но игравме добро.
Запрашан за иднината, Несторовски не сакаше да шпекулира, но изгледа многу веројатно да тој заедно со колегата од репрезентацијата Трајковски ќе го напуштат клубот, поради финансиски причини.
– Иднина? Не можам да зборувам за тоа, не зависи од нас. Можеби, некои од договорите на играчите се преголеми за Серија Ц, но не знаеме што ќе се случува. Се надевам дека саботниот натпревар не е последниот за мене во овој град – констатираше капитенот Несторовски, кој оваа сезона постигна 14 гола и оствари четири асистенции на 26 натпревари.