На денешната седница, Владата донесе заклучок во училиштата да се запишат единствено деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ, односно потврда. Во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложен соодветен документ или потврда за вакцинација, потврди Министерството за здравство.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во Македонија изнесува 24.023. Во Скопје, бројот на вакцинирани деца изнесува 13,684 од вкупно 16,361 невакцинирани деца. Од останатиот дел од државата, бројот на вакцинирани деца до 14 години со МРП вакцина изнесува 10,339 деца. Само со стапка на вакцинација на над 95 oтсто, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот меѓу популацијата, велат од МЗ.
Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Потврдите кои се приложуваат при упис на дете во основно училиште се издаваат во здравствените домови каде што има вакцинални пунктови и истите се бесплатни.