Во рамките на проектот „Инкубатор за органско пчеларство- Витач“ во организација на здружението „Биовита“ во Кавадарци се одржа работилница на тема „Родова еднаквост преку екномско зајакнување на жените“. Во соработка со Агенцијата за вработување за учество во работилницата беа поканети 20 млади невработени жени регистрирани и не регистрирани земјоделки, но и вработени жени.
Работилницата во улога на предавач успешно ја водеше Марија Савовска, активистка за родова еднаквост која се осврна на основната поделба на трудот, односно машки и женски работи кои придонесуваат жената во голем процент да се врзува за репродуктивна неплатена работа, помалку во продуктивната платена работа и во многу мал процент во јавната работа.
Петте клучни прашања кои ја определуваат позицијата на жената се образованието, здравјето, економијата и насилството смета Савовска потенцирајќи дека е важно нивното обединување како на пример дека без образование не може да се има економска независност и можност да се одлучува и бори против психичко или физичко насилство.
Жените учеснички во работилницата имаа можност да расправаат за тоа како да се надминат состојбите со неплатената домашна работа, економската неактивност, разликите во заработувачката, влијанието врз економските одлуки и врз институционалните политики и буџети потенцирајќи го фактот дека денеска многу мал број на жени поседуваат имот, бидејќи најчесто она што го поседува семејството е на име на мажот. Оваа состојба се рефлектира и во стопанството каде жените најчесто се сопственички на микро и мали претпријатија.
Работилницата беше одлична можност претставниците од Агенцијата за вработување да ги информираат жените за можностите за искористување на мерките за самовработување во делот на земјоделието со акцент на органското производство. Потребна е само поголема активност, и информираност на жената и искористување на сите можности преку разни обуки да се дојде до самовработување и бирање на професија која е подобро платена во споредба со слабо платената наемна работа.
Проектот се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLoad) која е финанирана од ЕУ, а се спроведува од Програмата за развој на Обединетите нации УНДП.
Мирјана Мукаетова