Чест ми е што се обраќам денес пред вас, по повод Денот на полицијата, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето денешно поздравно обраќање по повод одбележувањето на 7-ми Мај кое се одржа во кругот на Министерството за внатрешни работи.
Министерот нагласи дека полицијата се соочила со многу предизвици кои, како што кажа, биле резултат на општествено-политичките текови во земјата, но и резултат на негативни исуства во минатото.
– Денес, МВР веќе јасно ги има контурите на институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина – посочи Спасовски додавајќи дека полицијата зачекорила во период на интензивни и динамични реформи, работејќи заедно со меѓународни партнери, академската јавност и граѓанското општество.
Министерот нагласи и дека полицијата, како реален сервис на граѓанте, ја очекуваат и нови, важни задачи, чија што основа е владеењето на правото.
– Нашата држава, после деценискиот застој, направи извонредно голем чекор напред во конечното остварување на примарната стратешка цел на државата – наше целосно, полноправно асоцирање во евро-атлантските интеграции. Тој чекор мора подготвено да го следат сите институции на системот и следствено на него да се надградуваат, унапредуваат, професионализираат, стандардизираат. Полицијата тоа, без дилема го прави – истакна тој.
На крајот обраќајќи им се на сите припадници на МВР, министерот порача:
– Почитувани колеги, припадници на министерството од вас, од нас граѓаните очекуваат да бидеме вистински и бескомпромисни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој граѓанин. Јас сум вашата поддршка и заедно ќе одговориме на новите предизвици – рече Спасовски
Одбележувањето на Денот на полицијата започна со заедничко положување цвеќе на споменикот на загинатите припадници на МВР од страна на Спасовски и претставници на роднините на загинатите припадници на МВР.