Според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) во Дебар, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга и Тетово до 15 часот е забележан помал одѕив во вториот круг во споредба со првиот круг од Претседателските избори.
Во Дебар во првиот круг до 15 часот одѕивот бил 28,63 отсто, а во вториот круг е намален на 16,52 отсто. Според објавените податоци ова е најголемо намалување на одѕивот во споредба со првиот круг до 15 часот.
Во Гостивар одѕивот во првиот круг до 15 часот бил 17,23 отсто, а во вториот 15,88 отсто.
Во Кичево од 22,11 отсто во првиот круг, одзивот е намален на 21,57 отсто.
Намалување на одѕивот има и во Струга каде што во првиот круг на гласање излегле 19,31 отсто од гласачите, а во вториот круг нивната бројка е 17,72 отсто.
Во Тетово во првиот круг до 15 часот гласале 19,75 отсто од гласачите, а во вториот 17,68 отсто.
Мало намалување има и во Врапчиште, во првиот круг одѕивот бил 12,61, а во вториот круг 12,41 отсто.
Најголемо зголемување на одѕивот има во Крива Паланка која што има и најголем одѕив до 15 часот. Во првиот круг гласале 47,22, а во вториот 52,61 отсто од гласачите.
Најмал одѕив има во Желино – 9,03 отсто во вториот круг, а во првиот круг одѕивот бил 10,06 до 15 часот.