Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) во текот на изборниот ден на бесплатниот телефон за помош при напад на новинари (0800 11 011) доби пријава од новинарка што била попречувана во својата работа при следењето на изборниот процес.
Новинарката пријавила дека помеѓу 11.30 и 12.30 часот била попречувана при вршењето на својата работа на две избирачки места во општина Чаир, каде што не ѝ било дозволувано да фотографира и не биле прифатени нејзините барања да добие изјави од претставник на избирачки одбор и покрај нејзините укажувања на насоките од Државната изборна комисија за непречено и задолжително давање информации на новинарите.
– На избирачкото место 2961/1 таа се соочила и со низа навреди од лице што не се претставило и чија улога на избирачкото место не била јасно видлива, а дури била повикана и полиција со оправдание дека новинарката го попречува изборниот процес. Кога новинарката пријавила во ДИК, ситуацијата се смирила, а изјава за текот на избирачкиот процес добила на едно избирачко место по низа инсистирања и укажувања – соопштија од ССНМ.
Синдикатот апелира избирачките одбори, набљудувачите и сите инволвирани во избирачкиот процес да се однесуваат љубезно и достоинствено и да ги почитуваат процедурите, Изборниот законик, насоките и правилниците на Државната изборна комисија и да не ги попречуваат новинарите во нивната работа која е од огромно значење за целокупниот демократски амбиент и за одржување слободни и демократски избори.
ССНМ потсетува дека новинарите може во секој момент да пријават какви било попречувања на нивната работа, закани, навреди, физички или вербални напади на бесплатниот телефонски број 0800 11 011.