Документарниот филм „Небесна тема“ за вистинската легенда на белградската и бившојугословенска музичка сцена Влада Дивљан премиерно ќе биде прикажан на неговиот роденден, 10 мај, во центарот „Сава“ во Белград.
Во филмот, кој го режираше Младен Матичевиќ, учествуваат голем број познати личности, музичари и уметници.
– Да се работи на филм за човек што сте го сакале, кој бил еден од вашите херои, кого за жал веќе го нема, беше прекрасно, но истовремено и болно искуство. Да се создава за Влада Дивљан, значи да се работи за еден голем, убав, богат и весел живот, кој прерано заврши. Сите тие емоции се измешани, но на крајот останува она што тој го направи. Дивљан беше некој што пред сѐ со својата уметност им донесе убавина и љубов на луѓето, а снимањето на овој филм, всушност, е истражување на таа љубов – вели режисерот Матичевиќ.
Тој својот документарец го нарече „љубовно писмо до Влада Дивљан“ од сите што учествувале во неговото создавање. За „Небесна тема“ владее голема заинтересираност, а билетите се распродадени уште пред две недели.