Жителите од најстарата прилепска населба Варош, денеска го одбележаа христијанскиот празник Голем Петок – или источен Балаклија, празник кој се чествува секој прв петок после Велигден и кој е домашна слава на многу варошки семејства. Запалија свеќа за здравје, го честитаа празникот.

Меѓу посетителите беа и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пратеничката Кети Смилеска и претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски.

Честитајќи им го празникот, градоначалникот Јованоски истакна дека овој ден е од големо значење за жителите на Варош, кои во духот на традицијата го прославуваат со празнична трпеза. Тој напомена дека овој ден меѓу жителите на населбата е познат и како „Излечив Петок“, бидејќи постои верување дека доколку ова утро ги измијат рацете и лицето, тоа ќе им донесе излекување од сите болести.

Варошкиот манастир „Св. Аргангел Михаил“ е вгнезден во величенствените гранитни камења од просторот на Маркови кули и се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија. Легендата говори дека потеклото на манастирот започнува во 10ти век, кога некој ученик на св. Климент Охридски се населил во една од карпите каде водел осаменички живот. Времето го датира и мермерниот столб со кириличен натпис од 996 година (втор најстар натпис) кој е употребен во изградбата на единствена манастирска црква.

Во книгата „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), авторот Георги Трајчев кој е родум од Прилеп за Варошкиот манастир „Св. Аргангел Михаил“ ќе го запише следното: „Манастирот св. Архангел се наоѓа над селото Варош, одалечен на растојание од 15 минути. Погледот од него е величествен. Од него се гледа како на дланка целото Прилепско Поле, посеано со многубројни села од кои се белеат беговските кули. Во очите на набљудувачот право на запад се гледа одразот на зраците од источниот изгрев на сонцето по стаклата Крушевските куќи, опстојувајќи така 5 – 6 часа. Во десно се Поречките планини, а во лево – Селачките планински ограноци.  Манастирот се вгнездил како орлово гнездо на карпата Маркови кули.“.

Денес манастирот е во рамките на Преспанско Пелагониската епарија на МПЦ и во него живеат пет монахињи. Ка.М.