Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша е убеден дека сите Албанци, кои живеат во земјите од Западен Балкан еден ден ќе бидат заедно во Европската унија.
Албанија, вели тој, сака да се приклучи кон Европската унија.
– Исто така, постојат идентични аспирации за Македонија, Косово, Црна Гора и Србија. Затоа сум убеден дека сите Албанци од овие пет земји еден ден ќе бидат заедно, како членки на ЕУ – рече Баша, во интервју за словенечкиот весник „Дело“, а пренесува агенцијата „Танјуг“.
Запрашан за тоа која е пораката на опозициските протести, кои веќе некое време траат во Албанија, тој вели дека одговорот е многу едноставен – Албанија да биде како Европа.
– Сакаме слободни избори, владеење на правото и правда еднаква за сите. Триесет години по падот на комунизмот, луѓето го гледаат фактот дека Албанија има легална, но заробена држава. Овој пат, не поради идеолошка тиранија, туку поради автократско владеење – изјавил Баша во текот на неодамнешната посета на Словенија.
Тој додал дека Албанија во моментов е на политички крстопат и оти неопходно е земјата веднаш да биде ослободена од автократијата.