Американскиот претседател, Доналд Трамп, со твит повика на формирање на праведни социјални медиуми како одговор на дискриминацијата, која, како што тврди, како републиканец ја чувствува од компанијата Твитер.
Тој, исто така го поздрави влијанието на американските пратеници, кои ги повикаа директорите на неколку компании од сферата на социјалните мрежи да сведочат во однос на разни медиумски скандали.
-Не е изненадување што Конгресот сака да учествува во тоа – и треба, напиша тој на Твитер.
Трамп има еден од најследените налози на Твитер, со речиси 60 милиони следбеници, но тој постојано ја критикува компанијата и нејзините конкуренти во сферата на социјалните медиуми за она што тој го карактеризира како пристрасност против конзервативците.
Тој ги обвини Твитер и другите технолошки компании за ограничување на видливоста на објавите на истакнати републиканци во САД, но не обезбеди докази кои го поткрепуваат неговото тврдење.
“The best thing ever to happen to Twitter is Donald Trump.” @MariaBartiromo So true, but they don’t treat me well as a Republican. Very discriminatory, hard for people to sign on. Constantly taking people off list. Big complaints from many people. Different names-over 100 M…..
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) April 23, 2019
Како што јавуваат светските медиуми, само неколку часа по ваквите објави на Трамп, во Белата куќа се одржал состанок меѓу американскиот претседател и извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, на кој Трамп сакал да се информира зашто губи следбеници на оваа социјална мрежа.
Дорси, по состанокот со Трамп објави твит со следнава содржина: „Благодарен сум за издвоеното време. Твитер е тука за да и служи на јавната дебата, а ние настојуваме истата да ја направиме поздрава и цивилизирана. Благодарен сум за дискусијата во врска со тоа“.